Црна Гора произвела 40 отсто од електричната енергија од обновливи извори на енергија


Учеството на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во вкупната потрошувачка на финална енергија во Црна Гора беше 40,09 проценти во 2022 година.

Во владината информација за постигнатото учество на енергијата од обновливи извори во вкупната потрошувачка на финална енергија во Црна Гора во 2022 година се објаснува дека со цел да се поттикне користењето на енергијата од обновливи извори, Советот на министри на Енергетската заедница во ноември 2021 година донесе одлука со која е утврдена обврската на членките на ЕК да се изврши транспонирање и имплементација на Директивата (ЕУ) 2018/2001 за унапредување на користењето на енергија од обновливи извори, приспособена на ниво на Енергетската заедница. Оваа директива воспоставува заедничка рамка за промоција на енергијата од обновливи извори и поставува цел за учеството на енергијата од обновливи извори во вкупната потрошувачка на финална енергија во 2030 година за членките на Енергетската заедница. За Црна Гора таа цел е 50 проценти.

Директивата, исто така, пропишува правила за финансиска поддршка за електрична енергија од обновливи извори, за сопствена потрошувачка на таква електрична енергија, за користење на енергија од обновливи извори во секторот за греење и ладење и во транспортниот сектор, за регионална соработка, за гаранции за потекло, за административни процедури и информации и обуки. Дополнително, оваа директива утврдува критериуми за одржливост и заштеда на емисиите на стакленички гасови за биогорива, биотечности и горива од биомаса.