Црна Гора ја укинува програмата за економско државјанство
Црногорската влада нема да ја продолжи програмата врз основа на која може да се добие економско државјанство, која истекува на 31 декември 2021 година, за да не го попречува патот на Црна Гора кон Европската унија, пишува весникот Дан.
– Поддршката за програмите за економско државјанство е спротивна на принципите на Европската унија, се наведува во одлуката усвоена од владата во четвртокот.
Промовирањето на таквата програма, се додава, е спротивно на тенденциите на ревизија на постојните програми во рамките на ЕУ и критичкиот преглед од страна на институциите на ЕУ, како и на барањата за укинување на таквите програми во земјите-членки.
– Затоа, се заклучува дека понатамошната поддршка за ваквата програма може да го комплицира и забави процесот на пристапување на Црна Гора во Европската унија, се вели во одлуката и се наведува дека Црна Гора како земја-кандидат не смее да си дозволи да ја компромитира својата заложба за европска интеграција .
Институциите на ЕУ, како што е објаснето, не гледаат поволно на програмите за економско државјанство, имајќи ги предвид репутациските ризици, како и ризиците од финансиски интегритет, како што се перење пари, финансирање тероризам, корупција и инфилтрирање на организиран криминал.
– Бидејќи програмата е веќе откажана во Кипар, Малта доби предупредување, додека од Бугарија беа побарани дополнителни информации, се претпоставува дека единствената потенцијално одржлива програма во рамките на ЕУ е онаа што се применува во Португалија, која често се менува, пренесува СЕЕбиз.
Дополнителен аргумент за откажување на програмата е дека таа е несомнено неодржлива врз основа на досегашните податоци.
– Само 37 доделени државјанства, од вкупната граница од 2.000, предвидени до крајот на 2021 година, ја доведуваат во прашање целесообразноста и одржливоста на програмата. Бројот од 131 пријава доставена до Агенцијата за инвестиции не придонесува за аргументот дека инвеститорите ги засновале своите инвестиции во развојни проекти исклучиво на економска зависност, профитабилност или очекувани приходи, соопшти владата, додавајќи дека укинувањето нема да доведе до пречки во проектите за развој.