Црна Гора го укинува безвизниот режим за Русите
Подгорица – Поради усогласување со Европската Унија(ЕУ), Црна Гора го укинува безвизниот режим за Русите.
Црна Гора од 1 октомври 2026 година ќе го укине безвизниот режим за руските државјани, со што ќе стави крај на политиката што важеше речиси две децении. За да ја олесни примената на новите правила, VFS Global ќе започне да прима барања за црногорски визи во осум руски градови, меѓу кои Москва, Екатеринбург, Воронеж и Новоросијск. Одлуката е дел од усогласувањето на визната политика со правилата на Европската Унија во рамки на пристапните преговори.
Во моментов, руските граѓани можат да престојуваат во Црна Гора без виза до 30 дена, но од почетокот на октомври за влез ќе им биде потребна виза. Според најавите, истите правила ќе се применуваат и за државјани на Турција, Кина, Белорусија, Катар, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати.
Промената може да има влијание и врз туристичкиот сектор, бидејќи руските туристи со години се меѓу најбројните посетители на Црна Гора. Според достапните податоци, минатата година земјата ја посетиле околу 230.000 руски државјани.
Усогласувањето на визната политика е една од обврските што Црна Гора ги презема во процесот на пристапување кон Европската Унија, која бара земјите-кандидати постепено да ги усогласат своите правила со европското законодавство.