Црна Гора го претвори во евра кинескиот кредит за автопатот и ја намали каматата


Преку договор за хеџинг со две американски и со една француска банка, црногорската влада успеа да го заштити буџетот од валутен ризик за заемот од речиси 1 милијарда евра добиен од кинеската Ексим банка во 2014 година за изградба на првиот дел од автопатот, објавија медиумите во Подгорица во петокот.
Министерството за финансии на Црна Гора објави дека во истиот аранжман, успеало да се договори за каматна стапка од 0,88 проценти во евра, наместо два процента во долари, пренесува СЕЕбиз.

„Врз основа на тоа, Црна Гора ќе заштеди четири милиони евра на полугодишна основа, или осум милиони годишно“, рече црногорскиот министер за финансии Милојко Спајиќ, истакнувајќи дека земјата претходно била во тешка, наследена ситуација, бидејќи „долгот кон кинеската банка во долари никогаш не е претворена во евра“.

Веднаш по објавувањето на договорот, Спајиќ ја доби целосната поддршка од Амбасадата на САД во Подгорица, која му честиташе на министерот за финансии на неговиот профил на Твитер „за обезбедување финансиска стабилност преку партнерство со американски банки“.

Кинеската амбасада наскоро реагираше, велејќи дека пријателските односи меѓу Кина и Црна Гора се засноваат на меѓусебно почитување и еднаквост, а економските и трговските односи се на доброволна основа и заемно корисни.

„Кина е задоволна кога ја гледа Црна Гора како ги развива односите и ја зајакнува соработката со другите земји, но не сака да гледа како другите земји неодговорно покажуваат со прстот кон односите меѓу Кина и Црна Гора“, соопшти кинеската амбасада на Твитер.

Обраќајќи им се на европските парламентарци во Брисел претходно оваа година, црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ побара помош од ЕУ за отплата на кинескиот заем, што ќе го намали влијанието на Кина во земјата.

Во 2014 година, Црна Гора позајми 944 милиони долари од кинеската Ексим банка за да ја финансира изградбата на првата и најсложената делница од автопатот долг 41 километар, што минува низ планинскиот венец на земјата.

Договорот, кој беше потпишан на 20 години, со 6-годишен грејс период, не го дефинираше валутниот ризик, но, како што беше објаснето во тоа време, со изведувачот, China Road and Bridge Corporation (CRBC), доларот и девизните курсеви на еврото беа дефинирани во време на потпишувањето на договорот за изградба.

Компанијата ЦРБЦ, ги проби градежните рокови повеќе од една година, така што завршувањето на работите се очекува во ноември 2021 година.

Кредитното задолжување на Црна Гора е 103 проценти од нејзиниот БДП, а Црна Гора ѝ должи третина од тоа на Кина. Минатата година црногорската економија потона за 15 проценти, а годинава се проценува дека ќе порасне за повеќе од 10 проценти.