Црна Гора доби согласност да го организира следниот самит на процесот Брдо-Бриони


Љубљана – На предлог на Словенија, Црна Гора доби согласност да го организира следниот самит од процесот Брдо-Бриони, беше соопштено по средбата на претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и на словенечката претседателка, Наташа Пирц Мусар.

Од кабинетот на Милатовиќ соопштија дека е договорено и Црна Гора следната година да биде домаќин на голем економски форум меѓу двете земји.

Двајцата претставници оценија дека односите меѓу Црна Гора и Словенија се одлични и се засноваат на принципите на пријателство, отвореност и взаемна поддршка.

Официјалната посета на Словенија Милатовиќ ја започна со средба со Наташа Пирц Мусар на Брдо кај Крање, каде беше пречекан со највисоки државни почести.

„Нашите односи се карактеризираат со историска блискост и искрено пријателство на граѓаните на две земји кои, не така одамна, беа дел од иста земја, стара Југославија, и го задржаа чувството на блискост и доверба до денес. Токму на овие цврсти основи развиваме конструктивна соработка на сите билатерални полиња, која e зајакната со сојузништвото во рамките на НАТО. Никогаш нема да заборавиме дека Словенија беше првата земја што ја отвори својата амбасада во Подгорица, по обновувањето на црногорската државност и благодарни сме за вашата континуирана посветеност и поддршка за остварување на црногорските надворешнополитички цели“, рече Милатовиќ, како што соопштија од неговиот кабинет.

Тој и се заблагодари на Словенија за афирмирањето на европската перспектива на Западен Балкан, која, како што рече, е единствениот гарант за стабилноста на регионот.

Тој во текот на денот ќе се сретне и со претседателката на Народното собрание Уршка Клакочар Жупанчиќ и со вицепремиерката и министерка за надворешни и европски прашања Тања Фајон. Предвидени се и средби со црногорски студенти во Словенија и со претставници на дијаспората.