Чувар на најважните податоци во државата: Вака изгледа ИКТ Центарот во Прилеп (фото)
Најсовремено здание вредно 11 милиони евра во кое се чуваат најважните податоци на виталните државни институции, но и на други институции. Станува збор за ИКТ Центарот во Прилеп, кој е безбедно прибежиште за чување и заштита на податоци и опоравување од катастрофи, било да се предизвикани од природни катастрофи или од човечки фактор. Накусо, доколку во некоја институција тргне нешто на лошо за електронските податоци, тогаш овој современ и софистициран центар ќе овозможи нормално функционирање и зачувување на податоците во сите услови. До сега четири институции го имаат доверено чувањето на податоците на ИКТ Центарот, а наскоро тоа ќе го стори уште една.
„Се работи за исклучително современ, софистициран објект кој што е со сите потребни нивоа на заштита и кој што може да обезбеди услуги не само за МВР туку и за другите државни институции во Северна Македонија“, истакна премиерот Димитар Ковечевски кој денеска заедно со министрите Оливер Спасовски и Благој Бочварски, беа во попсета на ИКТ центарот. Притоа, Ковачевски упати благодарност до ЕУ која како што рече „ја препозна потребата Северна Македонија да се заштити од сите можни влијанија“.
Проектот е вреден речиси 3,4 милиони евра, средства обезбедени преку ИПА програмата и дополнително буџетски средства на Министерството за внатрешни работи. Вкупната инвестиција до целосна функционалност на објектот изнесува 11,5 милиони евра.
„Се работи за најсофистицирана опрема, по највисоки безбедносни стандарди, што го прави овој ИКТ Центар прв од ваков вид во регионот изграден од државна институција за потребите на државата“, рече Ковачевски.
Тој објасни дека ИКТ Центарот обезбедува зачувување на податоците од примарниот информатички систем во случај на можни природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор, што е особено важно во од аспект на сајбер безбедноста и злоупотребите во интернет сферата кои можат сериозно да ја загрозат националната, регионалната и меѓународната безбедност.
Ковачевски упати апел и до сите институции кои работат со големи бази на податоци дека ова е местото кое треба да го искористат за постирање на нивните податоци и обезбедување на бек-ап податоците бидејќи, како што нагласи, се работи за најсовремен и најбезбеден објект не само во државата туку и во регионот.