Чудната судбина на жената која пред девет дена беше најдена на Крк
Веста за жената со непознат идентитет, која пред девет дена беше пронајдена на тешко пристапно место во околината на Добрињ на хрватскиот остров Крк и која зборува англиски јазик со британски акцент, со денови е главна тема на медиумите.
Денеска се појави информација дека жената е идентификувана. Неофицијално се дознава дека полицијата преку меѓународна соработка и Интерпол добила потврда дека се работи за словачка државјанка на возраст од 57 години. Препозната е на фотографијата, а конечна потврда за идентитетот ќе се направи со отисоците од прстите.
Се работи за Даниела А. од Словачка.
Нејзината здравствена состојба е стабилна и откако лекарите ќе дадат зелено светло, таа ќе биде предадена на грижа на службениците од центарот за социјална грижа.
Во ранецот кој беше најден со неа, имало козметички производи, малку облека и обувки и паричник што бил празен, без документи, па затоа досега не се знаеше за кого се работи.
Како беше препозната Даниела?
Пол Брадбери објави на неговиот поратл Total Croatia News дека му се јавила Нина Шмит од Лос Анџелес, која тврди дека добро ја познава жената од фотографијата. Таа вели дека не ја видела од 2015 година, откако наводно се преселила во Ирска.

Total Croatia News наведува дека Шмит ја дала следната изјава на полицијата:
„Веднаш ја препознав жената на фотографијата како Даниела А., Словачка која работеше во фирмата во која бев оперативен менаџер во Лос Анџелес во 2015 година. Компанијата ја вработи преку непрофитна организација која им помага на бездомници. Даниела често беше во засолништа за жени. Ни кажа дека сака да отиде во Ирска, каде има добар пријател со кој може да живее. Во јули 2015 година замина за Ирска и тоа беше последното што го слушнавме од неа.
Штом ја видов нејзината слика, веднаш ја контактирав полицијата во крк и пратив меил на локалните хрватски полициски станици со нејзино име и фотографија.
Даниела доживеа тешки времиња и немаше среќа. Но, навистина беше добар работник, паметна и има прекрасно срце“, додава Шмит.