Човекот кој го „изгради“ Трамп: „Бара мислење, но секогаш прави што сака“

Американскиот консултант и лобист Роџер Стоун во интервју за италијанскиот „Кориере дела сера“ зборуваше за почетоците на кариерата на Доналд Трамп и ги откри причините зошто тој се однесува на начинот на кој се однесува денес како претседател на САД.
Стоун работеше како консултант за изборната кампања на Трамп во 2016 година, а е активен во политиката од 1970-тите, кога учествуваше во кампањите на Роналд Реган, Боб Дол, Ричард Никсон и други.
Интересно е тоа што Стоун се залагаше Трамп да се кандидира за претседател на САД уште во 1980-тите. Неговата улога на советник беше особено видлива во филмот „The Apprentice“, кој ги следи почетоците на кариерата на Доналд Трамп и неговиот подем во американскиот деловен свет.
Самиот филм зборува за тактиките што Трамп ги користи во деловниот и политичкиот свет, а една од тактиките што се издвојува е „Напад, напад, напад – никогаш не биди во одбрана“. Иако филмот му ја припишува оваа реплика на адвокатот Рој Кон, Стоун истакнува дека тој бил оригиналниот креатор на изреката.
„Мислам дека ми ја украдоа. Рој Кон беше мој пријател и мислам дека во некои случаи ова се мои набљудувања на неговото однесување. За евиденција, јас сум многу поубав и подобро облечен од актерот што го избраа да ме игра”, рекол Стоун.
Стоун за италијанскиот весник зборуваше и за тоа кога првпат се сретнал со Трамп.
„Во далечната 1979 година, Рој Кон и јас го регрутиравме за кампањата на Реган. Тој и неговиот татко беа во нашиот финансиски комитет. После тоа ме најмија како консултант во неговата компанија за коцкање. Се занимавав со маркетинг и други работи. Не беше страшно возбудливо, но станавме пријатели”, рекол тој.
Тој исто така истакнува дека Трамп секогаш победувал благодарение на себе, а не на стратезите.
„Тој бара мислење, но на крајот никој не го контролира. Тој секогаш прави што сака. Ова е проблемот со филмот “The Apprentice”. Идејата дека Рој Кон го измислил Трамп е апсурдна. Трамп го создаде Трамп”, смета тој.
Друга тактика која се споменува и му се припишува на Трамп е „Не се лути, одмазди се. Секогаш биди подготвен да покажеш жестокост, но никогаш вистински гнев“.
„Постојат моменти кога беше лут. Мислам дека тоа е легитимно. Но, никогаш не го видов обесхрабрен, поразен или депресивен. Можеби сѐ за него е трансакција, но тој е бизнисмен. Реган беше бизнисмен во рамките на неговите верувања. Има работи за кои нема да прави компромиси. Тоа е слабеење на војската или трговските договори”, рече Стоун.