Членовите на Судскиот совет не даваат оставки, бараат индивидуална одговорност

Тања Чачарова Илиевска, која е меѓу петте членови на Судскиот совет за кои се поднесени поединечни интерплации до Собранието од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, нема да поднесе оставка, без оглед на исходот.
-Тврдам дека најсовесно и чесно ја извршував функцијата член на Судски совет и не чувствувам ниту морална ниту професионална одговорност за да поднесам оставка, изјави Илиевска. Во интерпелацијата, како што оцени Чачарова Илиевска, нема индивидуализирано кои дејствија и кои постапки како член поединец на Судскиот совет ги преземала несовесно и незаконито, а кои би можеле да и се стават на товар заради работата на Судскиот совет.
– Треба многу внимателно да се пристапи кон ова прашање и да се сфати дека интерпелацијата е механизам за политичка контрола заради утврдување на политичка одговорност кон носители на јавни функции но, кои се одговорни за својата работа пред Собранието. Поврзувањето од страна на законодавната власт на фактот дека не е усвоен Извештајот за работа на Судскиот совет за 2023 година служи како основа за поднесување на интерпелацијата. Сметам дека е апсолутно незаконски, неуставно и недопуштено во конкретниот случај, бидејќи ако го читаме Законот за судскиот совет во духот на законот, членот 100, во кој се дава можности да се отвори расправа во случај на неусвојување на извештај за годишен извештај за работа на Судскиот совет, упатува на зајакнување на соработката помеѓу судската власт и законодавната власт, во однос на решавање на проблемите кои се утврдени во извештајот на Судскиот совет во судството заради нивно заедничко надминување. Стојам на ставот дека законодавната, извршната и сдуската власт мора да соработуваат кога станува збор за разрешување на одредени проблеми во судството, бидејќи на тоа упатуваат и препораките на Оценската мисија. И самите препораки се упатени до сите три власти заради суштински реформи во судството. Со интерпелацијата кон поединечни членови не се вршат никакви суштински реформи во судството, бидејќи персоналната измена не може да се третира за суштинска реформа, смета Чачарова Илиевска.
Членот на Сускиот совет Миљазим Мустафа, за кој исто така е поднесена интерпелација, се надева на позитивен исход по одговорите што ги навеле.
„Се произнесоваме по сите основи што беа наведени во интерпелацијата и се надеваме дека по надминување и исцрпување на процедурите во Собранието ќе се донесе позитивен исход по однос на нашите одговори коишто беа наведени“, изјави Мустафа.
Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ на 7 февруари до Собранието поднесоа поединечни интерпелации за членовите на Судскиот совет Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми. Согласно роковите, очекувањата се дека седницата на која ќе се расправа за интерпелациите би имало до или на почетокот на март.