Четвртото лице со функционерите на Влен имало забрана за влез, вели албанската полиција
Немало никаков проблем со тројцата функционери на Влен на граничниот премин „Ќафасан“, туку четвртото лице што било со нив имало забрана за влез во Албанија. Такво објаснување даде денеска шефот на албанската државна полиција по реакциите во Македонија.
Според првиот човек на албанската полиција, Скендер Хита, на граничниот премин пристигнале четири лица, од кои тројца поседувале дипломатски пасоши.
„Три лица со дипломатски пасоши беа информирани дека може да го продолжат своето патување. Другото лице, кое беше во нивно друштво, имаше законски пречки на границата и не можеше да патува во Албанија“, изјави Хита на прес-конференција.
Тој додаде дека тројцата функционери потоа самите одлучиле да не го продолжат патувањето и заедно се вратиле во Македонија.
Хита нагласи дека случајот не претставува исклучок и дека граничната полиција секојдневно постапува во слични ситуации. „Во текот на 2025 година идентификувани се 625 слични случаи, а само во првата половина од оваа година регистрирани се 425 случаи“, рече директорот на полицијата.
Според него, државната и граничната полиција остануваат гаранти на спроведувањето на законот и нема причина за сомнеж во нивното постапување на граничните премини.
Инцидентот се случува во момент кога во Албанија се одржуваат серија масовни протести против проекторот за изградба на хотелски комплекс на албански остров во Јадранското Море, инвестиција на компанија на Џеред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, кои прераснаа во барање за оставка на премиерот Еди Рама.
Повеќе медиуми во Албанија пишуваат дека властите во Тирана ставиле на „црниот список“ повеќе од 60 лица на кои им е забранет влез во земјата за да не се приклучат на антивладините протести во Тирана. На списокот, наводно биле и пратеници, активисти и советници од партијата Влен, но тоа не е потврдено.