Честитка од министерката Јаневска по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик


Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е потсетник дека секој има обврска да се грижи за зачувување и развој на основното идентитетско обележје на својот народ и комуникациско средство без кое не е можно пренесување на традицијата, културата и вредностите кон секоја следна генерација,  истакнува министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Во објава на фејсбук по повод овој ден кој во 1999 го востанови УНЕСКО, Јаневска го честита денот и посочува дека Владата, делувајќи преку надлежните институции,  е „одлучна да гради општество кое го почитува правото на говорење и изучување на мајчиниот јазик и култура на сите заедници“.

-Особено важно е формалното образование да се одвива на мајчин јазик, бидејќи тогаш процесот е најефикасен. Македонија е единствената земја во која наставата во училиштата се одвива на пет јазици, а јас уверувам дека ќе останеме посветени на унапредување на нејзиниот квалитет. Имаме план и тој етапно се реализира. Честит 21 Февруари – Меѓународен ден на мајчиниот јазик, напиша Јаневска на нејзиниот фејсбук-профил.

МОН објави дека нашата држава е единствена каде што наставата се одвива на пет јазици – македонски, албански, српски, турски и босански.

-Поддршката за учење на мајчин јазик е од клучно значење за подобрување на резултатите од учењето, подобро разбирање на содржините и стекнување вештини за критичко размислување. Министерството за образование и наука и понатаму ќе креира политики за унапредување на меѓуетничките односи во државата преку образованието. Мултиетничка, мултикултурна и мултијазична држава како нашата, може да се гради со почитување на правата на сите граѓани, од една страна, но и со нивно активно учество во градењето заедничка иднина во која заедничките вредности се темел на напредок и развој, наведе МОН.