Чешка драма: Бабиш поразен, Земан во болница


Лекарите не соопштуваат од што е болен Милош Земан затоа што немале дозвола од претседателот

Чешка е во неизвесност откако премиерот ги загуби изборите, а претседателот беше префрлен во болница по втор пат за еден месец во време кога треба да има расплет по гласањето

 

Ристо Лазаров

ПРАГА – Како и секогаш, лесно е и сега, по тешката чешка иѕборна битка, да се биде умен и да се каже дека исходот, иако некаде е проследен како сензационален, не е баш преголемо иѕненадување: партијата на премиерот Андреј Бабиш АНО доби најмногу места во парламентот (72), опозиционата коалиција „Заедно“ (ОДС, КДУ-ЧСЛ, ТОП 09) ѝ дише во вратот само со едно место помалку, а на трето место се грлестите Пирати со 37 места. Партиите на чешките социјалдемократи и комунисти не го исполнија изборниот цензус, па Бабиш остана без нивната досегашна поддршка. Левицата, значи, во наредниот период ќе стане вонпарламентарна политичка сила со ограничени домети.

Тоа му се става на душа на Андреј Бабиш за кого се вели дека е ,,заслужен“ за неуспехот на неговите досегашни соработници. Не дека и аферата ,,Пандорино документи“ во која се тркала и името на Бабиш, не влијаеше врз изборните резултати.

Ќе се прават, се разбира, подлабоки анализи на изборните резултати. На прв поглед, паѓа во очи изборниот неуспех на левицата, но и тоа дека своевиден дебакл доживеаја и Пиратите, со кои во предизборната кампања Бабиш водеше најжестока војна. Пиратите веќе го покренуваат прашањето на опстанокот на нивниот лидер Јиржи Бартош на челната партиска позиција. Во кампањата, една од спомнуваните можности беше и коалицијата на АНО со „Заедно“, но таа падна во заборав по барањето на „Заедно“ премиерското место по изборите да му припадне на неговиот сопартиец и потпретседател Хавличек. Впечаток е дека Бабиш го потцени „Заедно“ и дека во предизборните дебати Бабиш многу пожестоко ги напаѓаше Пиратите. Но, тоа сега веќе се бележи како изборно минато. На дневен ред веќе доаѓа формирањето на новата влада и нема сомневање дека и вториот дел на ,,изборниот филм“ ќе биде интересен. Решенијата нема да бидат брзи.

Претседателот на Чешка Милош Земан (77), чиешто здравје во последно време се влоши, уште пред да почне кампањата беше рекол дека мандатот за состав на новата влада ќе му го додели на Андреј Бабиш. Земан денеска им честиташе на победниците на изборите и на сите кои се избрани, без оглед на нивната припадност на политичките партии и групи. Меѓутоа, Јиржи Овчачек, шеф на канцеларијата на Земан, се огласи на Твитер со порака која може да се толкува и како двосмислена: ,,Картите се делат. Сега ќе биде потребно да се најде спогодба за влада која ќе ја води државата низ мошне турбулентен период. Важно е да се смири општествената ситуација. Триумфализмот или бесот поради поразот е пат до уништување“, вели тој.

Неупатно е да се нагаѓа што сакал Овчачек да каже. Повеќе се очекуваше од денешната средба Земан-Бабиш, која беше прекината и по која Земан со возило на итната помош, во придружба на полициски возила, беше префрлен на интензивна нега во Воената болница. Оттаму нема никакво соопштение за состојбата на Земан. Медиумите јавуваат дека бил сосема онемоштен. Лекарите велат дека е болен, знаат како да го лечат, но не можат да ја соопштат дијагнозата без дозвола од претседателот.