Центарот за обука на МВР во Идризово доби фотоволтаична централа, донација од ОКТА


Центарот за обука на МВР во Идризово доби фотоволтаична централа, донација на ОКТА во вредност од еден милион евра и капацитет за производство на 55 мегават часови електрична енергија годишно. Фотоволтаичната централа со капацитет од 39,6 kWp, која ќе обезбедува значаен дел од енергетските потреби на овој стратешки важен објект каде што се реализира основната и специјализираната полициска обука.

Со ставањето во функција на фотонапонската централа се очекува и намалување на емисиите на јаглероден диоксид за околу 42 тони на годишно ниво, што претставува значаен придонес кон заштита на животната средина.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, посочи дека според пресметките со оваа фотоволтаична централа годишно ќе се прави заштеда од околу пет илјади евра.

Тошковски, исто така, најави инвестиции во вакви проекти и во иднина, нагласувајќи дека заштедува трошоци на државата и придонесува за заштита на животната средина.

Главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, изјави дека во рамки на проектот се донирани фотоволтаични централи и за шест основни училишта низ државата.

„Покрај другите проекти во енергетиката, ОКТА активно реализира иницијативи во областа на зелената енергија. ОКТА останува посветена на овој процес и во иднина ќе продолжиме да ја унапредуваме соработката со партнерите и заедницата. Искрено верувам дека оваа донација ќе донесе нова вредност за Центарот за обука и ќе овозможи негов развој“ потенцира извршниот директор на ОКТА Димитриос Пасхос.
Во рамки на долгогодишната соработка со Министерството за внатрешни работи, ОКТА и претходно има реализирано активности од јавен интерес, особено во делот на сообраќајната безбедност, преку кампањата „Јас внимавам“, како и со донација на фотоволтаични сообраќајни знаци во близина на основни училишта, со цел зголемена заштита на децата и подигање на јавната свест.
 

Проектот, како што нагласи, е во насока на инвестирање на Окта во обновливи извори како општествено одговорна компанија.