Цените на златото достигнаа нов рекорд
Цените на златото денеска достигнаа нов рекорд под влијание на шпекулациите дека американската централна банка би можела да ги намали клучните каматни стапки, а дополнително ги поттикна трендот на зголемени набавки од страна на централните банки.
Цената на унца злато на физичкиот пазар порасна за 0,2 отсто, на 2.473,59 долари. Накратко достигна нов рекорд од 2482,29 долари.
На американскиот пазар со златото се тргуваше во фјучерси по 0,4 отсто повисока цена, по 2.478,75 долари за унца.
Трговците се свртеа кон златото бидејќи се загрижени за забавувањето на кинескиот економски раст. Во вториот квартал, кинескиот БДП порасна за 4,7 отсто во споредба со истиот период минатата година, објави во понеделникот Заводот за статистика, со континуиран пад на пазарот на недвижности и стагнација на личната потрошувачка. Во првите три месеци од годинава е зголемен за 5,3 отсто.
Пазарите, исто така, шпекулираат дека американската централна банка наскоро би можела да ги намали клучните каматни стапки, бидејќи потрошувачките цени паднаа на месечна основа во јуни за прв пат од почетокот на пандемијата. Доларот ослабе во таков амбиент.
Банката на федерални резерви би можела да ги намали клучните каматни стапки за најмалку четвртина процентен поен на состанокот во септември, шпекулираат трговците, според FedWatch Tool, создадена од советодавната компанија CME.
Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, во понеделникот рече дека трите податоци за инфлацијата во вториот квартал „внесуваат одредена доверба“ дека темпото на раст на цените постојано се враќа на целните нивоа, што може да се толкува како сигнал дека тие се подготвуваат да ги намалат трошоците за задолжување.
„Се чини јасно дека ФЕД има намера да ги намали каматните стапки во септември“, смета Алекс Ебкаријан и според него, во моментов ова е „катализаторот“ што ја зголемува цената на златото.
Централните банки во исто време купуваат повеќе злато, што вообичаено се нарекува „дедоларизација“, додава Ебкаријан.
Побарувачката на западните пазари, геополитичките ризици и можните закани од рецесија би можеле да ја зголемат цената на златото на 2.600 до 2.700 долари за унца во втората половина од годината, проценува тој.