Цените на нафтата пораснаа четврта последователна недела


Иако многумина можеби помислија дека е негативна цената на целокупната нафта, има нијанси

 

На светските берзи цените на нафтата пораснаа минатата недела, четврти пат по ред, поради зголемената загриженост за недоволното снабдување во наредните месеци и зголемените тензии меѓу Русија и Украина, што може дополнително да ја ограничи понудата.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 1,2 отсто, на 81,07 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за речиси 2 отсто, на 77,07 долари, што е највисоко ниво од 25 април.

Причина за натамошниот раст на цената на нафтата се уште е загриженоста на пазарните учесници за недоволната понуда во наредните месеци.

„Пазарот на нафта почнува полека да ја факторизира кризата што се наѕира на страната на понудата. Глобалните залихи почнуваат да се намалуваат, а тоа би можело драматично да се забрза во наредните недели. Зголемениот воен ризик, исто така, може да влијае на цените“, според аналитичарот на Price Futures Group, Фил Флин.

Во петокот, четврти ден по ред, Русија истрела ракети кон украинските пристаништа преку кои земјата извезува храна, што ги ескалира тензиите во регионот по повлекувањето на Москва од договорот за безбеден поморски коридор, постигнат со посредство на ОН.

Затворањето на коридорот за жито може да го загрози снабдувањето со етанол и биогорива кои се мешаат со нафтени деривати во време кога глобалните пазари за жито веќе се стегаат, што ќе предизвика рафинериите да користат повеќе сурова нафта, рече Флин. Запленувањето на бродовите, исто така, може да ги зголеми ризиците за извозот на нафта и други стоки во регионот, додаде тој. (СЕЕбиз)