Цените на храна на рекордно ниво


Светските цени на храната се искачија на рекордно високо ниво во март поради војната во Украина, која ги шокираше пазарите за жито и растителни масла, соопшти Организацијата за храна и земјоделство (ФАО).  

Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги одразува месечните промени во цената на кошницата со основна храна, веќе постави рекорд во февруари, достигнувајќи го највисокото ниво од своето основање. Во март показателот се зголеми за уште 12,6 отсто на просечни 159,3 поени. 

Зголемувањето доаѓа во голем дел од подиндексот на житариците, кој скокна за 17,1 отсто во однос на февруари, главно поради војната во Украина. 

За вкупниот пораст придонесоа и растителните масла, кои поскапеа за цели 23,2 отсто во позадина на порастот на сончогледовото масло, за кое најголем светски извозник е Украина. Во исто време, цените на палминото, соја и маслото од репка драстично растат поради зголемувањето на глобалната побарувачка за увоз поради нарушувања во снабдувањето со сончогледово масло.