Цените на бензините растат осум недели по ред – може ли да интервенира државата
Tрошоците кај течните горива во јануари годинава во однос на истиот месец лани се поголеми за 28,2 отсто, а во јануари во однос на декември за 3,3 отсто
Речиси два месеци или цели осум недели цената на бензините во светот и на домашниот пазар е во постојана нагорна линија. Ако на 20 декември лани литар ЕУРОСУПЕР 98 на домашните бензински станици чинеше 75 денари, од утре новата цена изнесува 84 денари за литар, или девет денари повеќе. Слично е и кај еуродизелот кој пред два месеци чинеше 64,50 денари за литар, а од утре 74 денари. Или, ако за резервоар од 50 литри за автомобил на бензин во декември биле потребни 3.750 денари, сега треба да се одвојат 4.200 денари, или 450 денари повеќе, а за возилата што користат дизел, трошокот за истото количество гориво од 3.225 денари е зголемен на 3.700 денари или за 475 денари.
Според Државниот завод за статистика, трошоците кај течните горива во јануари годинава во однос на истиот месец лани се поголеми за 28,2 отсто, а во јануари во однос на декември за 3,3 отсто. Тоа е многу повеќе од порастот на вкупните трошоци. Така, трошоците на животот во јануари 2022 година, во однос на претходниот месец се зголемиле за 1,5 отсто, а цените на мало за 1,2 отсто. Во однос на јануари 2021 година, пак, трошоците бележат зголемување од 6,7 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 7,3 отсто.
Што може да се направи во вакви околности, особено ако се има во предвид дека цените на горивата влијаат врз буквално сите други трошоци како на компаниите, така и на граѓаните. Дали решението е во замрзнување на цените како што тоа го направија некои земји во соседството, или треба да се интервенира во акцизата, како што предлага опозициската ВМРО-ДПМНЕ, или пак, треба да се намали ДДВ?
По се изгледа, барем за сега, нема ништо од тоа.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека нивниот удел во определувањето на цените на дериватите е многу мал, како и дека немаат можност да интервенираат за замрзнување на цените.
„Согласно нашиот Закон за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика нема надлежност да ја замрзне цената на нафтените деривати“, изјави за ТВ24 првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски. На прашањето околу можноста да се интервенира во делот на акцизата, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, Бислимоски дека за тоа најдобро е да одговори Владата, односно дали постои простор за намалување на акцизата и на другите давачки кои што влијаат на цената на нафтените деривати.
Од Владата, на прашањето на Независен, дали размислуваат за замрзнување на цените или евентуално да интервенираат преку акцизите за да се сопре трендот на пораст на цените на дериватите, велат дека кај нас пазарот е регулиран.
„За разлика од држави во кои пазарот со нафтени деривати е целосно либерализиран, што значи трговците сами ги утврдуваат цените на нафтените деривати, кај нас постои регулација“, велат од Владата за Независен.
Од таму додаваат дека согласно Законот за енергетика донесен во 2018 година Регулаторната комисија за енергетика носи одлука за определување на највисоки цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт врз основа на Методологија за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати.
„Согласно оваа методологија Северна Македонија има најевтини горива. Сите нафтени деривати во Северна Македонија се од увоз и истите зависат од движењата на цената на светските берзи.
Владата уште во јули лани донесе одлука за укинување на дополнителната акциза на дизел горивото со што граѓаните плаќаат два денари пониска цена. Целта на оваа одлука беше да се заштити стандардот на граѓаните преку утврдена варијабилна акциза која зависи од цената на светската берза“, велат од Владата.
„Со измените што се направени во Законот за акцизите во април минатата година сме осигурени да нема висок раст на цените на горивата, така што ставивме варијабилна маргина која е поврзана со цената на барел нафта на светската берза. Така, ако цената на нафтата на светската берза расте, оваа маргина ќе се намалува што ќе влијае на крајната цена на горивата кај нас.
Според законското решение дополнителната акциза од три денари кај бензините е предвидена доколку цената на светската берза е под 390 долари за тон, ако е помеѓу 390 и 590 долари за тон дополнителната акциза изнесува 2 денари и ако е над 590 долари за тон тогаш дополнителната акциза е 0 денари, односно се укинува“, велат од Владата.
Од таму додаваат дека кај дизел горивото и екстра лесното масло за домаќинство е предвидено дополнителна акциза од 3 денари ако цената на светската берза е под 400 долари. Дополнителна акциза од 2 денари е предвидена за дизелот кога на светската берза е меѓу 400 и 600 долари за тон и доколку цената на светската берза е над 600 долари таа изнесува 0 денари.
Објаснувањето на Регулаторната комисија за енергетика, пак, е дека нивната можност за интервенирање во крајната цена на горивата е прилично ограничена.
Така, како што објасни Бислимоски за ТВ24, кај бензините околу 43 проценти во крајната цена отпаѓа на набавната цена, што се формира на берзите и на која што соодветно влијание има и курсот на доларот. Понатаму, некаде околу 49 проценти отпаѓа на давачките кон државата, како акцизата, надоместокот за животна средина, ДДВ…, при што Регулаторната комисија ги имплементира законите кои што се во сила.
„Регулаторната комисија за енергетика може да влијае само на околу 7,5 проценти на цената за бензините“, вели Бислимоски.
Во однос на дизелот ситуацијата е малку поразлична – таму околу 37 проценти отпаѓа на набавната цена која што е поврзана и со курсот на доларот, потоа 8,7 проценти е маржата и транспортните трошоци и 55 проценти отпаѓа на давачките кон државата.
„Така што, на 92 -93 проценти РКЕ нема никакво влијание бидејќи или се законски обврски, како што се акциза, ДДВ и останати надоместоци за животна средина, или пак е набавната цена на нафтените деривати кои што како податок ги преземаме од Медитеранската берза и едноставно ги имплементираме во нашите одлуки“, вели Бислимоски.
Ако е за некаква утеха, цените на нафтените деривати, пред се дизелот, во нашата земја се меѓу најевтините во регионот.
Така, дизелот кај нас чини 1,19 евра за литар, во Босна и Херцеговина е 1,23 евра, во Србија е 1,54 евра, во Албанија е 1,57 евра, во Црна Гора е 1,39 евра, а најскапо е во Грција 1,59 евра.
„Намерно го споменувам дизелот бидејќи 85 отсто од потрошувачката на нафтени деривати во земјата отпаѓа на дизелот и таа е ниска поради тоа што и дополнителните давачки кон државата се ниски“, вели тој.
Од другите трошоци, маржата на компаниите изнесува 4,5 денари за малопродажба, а за големопродажба е 1 денар. Со овие маржи се обезбедува целокупното работење во текот на годината на сите бензински пумпи во државата.
Поплаки има и од нафтените компании заради зголемените транспортни трошоци. РКЕ признава 0,75 денари по литар, што во моментов, според Бислимоски не ги покрива нивните реални трошоци, но ситуацијата е таква што во моментов не се планира никаква промена.
Од Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ, пак, пред една недела потсетија на ситуацијата од април 2011 година кога цената на бензинот достигна до 80 денари за литар, а на дизелот 69 денари за литар и кога се пристапи кон намалување на акцизите на нафтените деривати преку измени во Законот за акцизи, по што РКЕ донесе нова одлука со пониски цени на нафтените деривати.
Од земјите во регионот, одлука за замрзнување на цените донесе Србија, но таму, дел од медиумите овој потег го доведуваат во врска со претстојните избори. Одлуката за замрзнување беше донесена на 10 февруари со пропишување на максималните цени на горивата, а претходно, во декември беа замрзнати и цените на гасот и на основните животни намирници, како брашното и маслото за јадење, нешто што го направи и Македонија.
Со оваа уредба во Србија, цената на евро дизелот е ограничена еден месец на ниво од 1,52 евра за литар, а на безоловниот бензин БМБ 95 изнесува 1,45 евра. Другите деривати не се опфатени со уредбата и за нив трговците можат слободно да ја определуваат цената. Инаку, како што појаснуваат тамошни енергетичари, токму горивото во Србија во мината година поскапело најмногу, и тоа за 22,8 отсто, што влијае и на цените на сите производи и услуги, од такси превозот, до цените на овошјето и зеленчукот на зелените пазари.
И Хрватска пред една недела донесе слична одлука, со која цените на евро суперот и на евро дизелот времено се ограничени на 11,37, односно 11,29 куни, но не се опфатени премиум горивата како и автоплинот, кои поскапеа.
Енергетичарите велат дека ваквите состојби на пазарот на нафтените деривати се должи пред се на кризата околу Русија и Украина, при што било каква информација за смирување или за влошување на состојбите таму, влијае на цената на нафтата на светските берзи.