Цената на бакарот оди кон 14.500 долари за тон – Македонија има ресурс, но нема нов рудник
Светскиот пазар на бакар повторно се соочува со растечки притисок врз понудата, додека цената на металот се приближува до рекордот од над 14.500 долари за тон на Лондонската берза за метали.
За Македонија, која располага со значајни наоѓалишта на бакар, ваквиот развој претставува потенцијална економска можност. Сепак, во земјата во моментов работи само еден рудник за бакар – „Бучим-Боров Дол“, со производство од околу 8.000 тони годишно.
Наспроти тоа, проектот „Иловица-Штука“ предвидува производство до 16.000 тони бакар годишно, односно речиси двојно повеќе од сегашното производство во „Бучим-Боров Дол“.
Реализацијата на ваква инвестиција би можела да донесе дополнителни приходи во државниот буџет преку концесиските надоместоци, како и поголеми средства за општините од југоисточниот регион.
Во изминатиот период не се реализираа инвестициите во бакар во Казандол и Кожуф, поради што „Иловица-Штука“ останува единствената активна најава за нов проект од ваков тип.
Иако проектот беше предмет на критики, за него во јавноста се изјаснија и дел од стручната јавност, а поддршка даде и локалната иницијатива „И здравје и работа“.
„Можеме да имаме и екологија и современо рударство. Прашањето е само дали Македонија ќе има храброст да го следи тој пат и да ги стави своите ресурси во функција на развојот, со највисоки стандарди и строга институционална контрола. Македонија не смее да дозволи стравот и нестручните проценки да ја блокираат иднината“, соопштија од иницијативата.
Инаку, тековната криза во снабдувањето со бакар е поттикната од порастот на увозот на САД, дополнета со очекувања за нови одлуки за тарифи за метали. Залихите на бакар сега се концентрирани во САД, бидејќи трговците се обложуваат дека претседателот Доналд Трамп ќе воведе царини за рафинираниот метал.
Исто така, расте увозот и во Кина, зашто тамошните топилници ги исцрпуваат залихите на бакарна руда, а земјата силно инвестира во нова електропреносна мрежа, како и за потребите на центрите за вештачката интелигенција и производство на електрични возила и ветерници. Сето ова доведе до намалување на складираните залихи на светско ниво, а тоа се одрази и на цените на берзата. Залихите на бакар во август се паднати за половина во споредба со количествата од средината на мај.
Залихите што ги следи Лондонската берза на метали моментално се малку над 200.000 тони руда, што е најнизок обем од февруари годинава.
Инвеститорите се повеќе вложуваат за изнаоѓање на металот и расте предизвикот во индустријата за пронаоѓање и финансирање на нови рударски јами.
„Зголемената цена за краткорочна испорака на бакар укажува на континуиран недостиг на достапен метал. Очекуваме овие ограничувања на понудата да го одржат пазарот ваков и во блиска иднина, особено ако побарувачката остане отпорна“, оценува Ева Мантеј, стратег во холандската финансиско-консултантска групација ИНГ.
Австралиската групација BHP, која е најголем по обем производител на бакар со рудници низ светот, објави значително подобра од очекуваната годишна заработка.
Приходите се поттикнати од рекордните цени на бакарот, што ја зацврстија предноста на црвениот метал во споредба со останатите метали. Бакарот генерирал 18,19 милијарди долари оперативна заработка во годината.
„BHP е во добра позиција да произведува дури 40% повеќе бакар до 2035 година, или 2 милиони тони годишно. Се очекува побарувачката за бакар да порасне на повеќе од 50 милиони тони годишно до 2050 година, за разлика од 34 милиони тони оваа година“, изјави извршниот директор на компанијата Брендон Крег.
Од друга страна, државната кредитна агенција на Јужна Кореја најави дека ќе позајми една милијарда долари на швајцарската компанија „Гленкор“, во замена за сигурно снабдување со бакар за корејските компании, обезбедувајќи пристап до металот кој е сè позначаен за вештачката интелигенција и енергетската инфраструктура.
„Преку ова финансирање ќе можеме да обезбедиме стабилно снабдување со клучни материјали за синџирите на снабдување во напредната индустрија на Кореја“, соопшти државната „Ексимбанк“.
Договорот го нагласува стремежот на Јужна Кореја за зајакнување на економската безбедност, бидејќи зголемените инвестиции во центри за податоци, електрични мрежи и опрема за обновлива енергија ја зголемуваат побарувачката за бакар.
Земјата се потпира на увоз на индустриски метал, оставајќи ги своите напредни производствени индустрии изложени на прекини во снабдувањето и стеснување на глобалните пазари.