Целата смисла е да се радуваме и за некој друг, не само за себе: Интервју со Оливера Ќорвезироска, лауреат на наградата „Роман на годината“

Имаме одлични автори од сите генерации, одлични книги во сите жанрови, вели Ќорвезироска во интервју за „Независен“


Фото: Б. Грданоски

Шест автори беа во најтесниот избор за Роман на годината за 2025 година, но Оливера Ќорвезироска (1965, Куманово) со мнозинство гласови ја освои престижната награда за романот „Три Марии“ (издание на Арс-Либрис), „ мајсторски напишан роман, во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната“, како што стои, меѓу другото, во образложението на жирито, во состав: Калина Малеска , Иван Антоновски, Ивана Трајановска, Иван Шопов и Катерина Богоева .

Во интервју за „Независен“, Ќорвезироска открива за односот кон наградите, за континуитетот на националната книжевност, за „џамлиите и шеќерот во прав“, за (не)читањето, (не)образованието кои истекуваат од секаде…
 

Фото: Б. Грданоски

Во еден ваш јавен настап спомнавте дека не пишувате за да добиете награда. Каков е вашиот однос кон наградите?

– Убаво е да се добиваат награди и признанија за она што го работиме. Од читателите, од критиката, од пишувачкиот еснаф. Тоа воопшто не е предмет на сомнеж и преиспитување, но, од друга страна ако целта и смислата на создавањето/пишувањето се само и единствено наградите, сметам дека станува збор за сериозна девијација, за мешање и замена, за коцкање со суштината. Колку и да е убаво и привлечно златцето, кога ќе го одвиткате, во него мора да има бонбона, не може да нема ништо, да е празно. Кај нас е проблем практиката да се омаловажуваат наградите кога нема да ги добиеме и да се преакцентираат кога ќе ги добиеме; да се прогласуваат за необјективни секогаш кога ќе ги добие некој друг. Перспективата ни е погрешна, премногу лична, егоистична и егоцентрична. Целата смисла е да се радуваме и за некој друг, не само за себе.

Вашиот роман-басма , како единствен пример во македонската книжевност, ги обедини трите важни прозни награди: Рациновото признание, „Стале Попов“ на ДПМ, и најтазе, Романот на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“. Што помисливте, по третата награда?

– Се изненадив и самата, и доколку би можело да се бира, не знам дали би избрала три награди за еден роман или по една награда за три различни. Се шегувам, се разбира, зашто тука нема бирање. По добивањето и на третата награда, помислив дека можеби им е малку непријатно на моите претходни книги, кои сите заедно немаат добиено толку награди колку што доби „Три Марии“ за неполна година од излегувањето.     

Дали сметате дека сте го достигнале вашиот книжевен врв, и ако не, кој би бил тој, евентуално?

– Не, не мислам дека книжевен врв се достигнува со награди. Патот кон него, искачувањето чекор по чекор е најскапоценото нешто во творечката работа. Врвот во која било професија е доста лична работа, затоа што некој го постигнува на почетокот, некој во оптимално време, некој на крајот… Некому прерано постигнатиот успех (или врв, ако сакате) му носи залет, некому, за жал, инхибиција и регрес… Не постои една приказна за сите, секој од нас носи и раскажува своја индивидуална приказна, и за успехот и за неуспехот. Би сакала да напишам уште неколку книги на кои интензивно мислам. 

Фото: Б. Грданоски

Вашиот роман „Три Марии“ е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. Оттаму и игривото варирање на насловот на романот на Јаневски „Две Марии“ (1956), вашиот е „Три Марии“… Што ве фасцинира во творештвото на Јаневски?

– Сметам дека ништо не почнува со нас, ниту со која било одделна генерација. Сè што правиме е продолжеток на нешто што било и антиципација на нешто што допрва ќе биде. Во таа смисла длабоко верувам во континуитетот на националната книжевност. Нашите сегашни книжевни писма сметам дека треба да се темелат на книжевните писма на претходниците, така како што наследниците ќе се потпираат на нас. Никој не може одеднаш, од нигде никаде, да скокне многу високо, треба да се затрчаме, да земеме залет. Претходниците се залетот, всушност. Во најновиот роман го чествувам Славко Јаневски на начин што ми е близок на поетиката. „Три Марии“ е еден вид омаж и на „Две Марии“ и на Славко Јаневски, без речиси воопшто да се допрам до нив во содржинска или во стилска смисла.

Употребивте симболични зборови, џамлии и шеќер во прав, кога на пресот во ДПМ, по повод соопштувањето на добитникот на Роман на годината, „се заблагодаривте на сите претходници во македонската книжевност со кои што искрено се занимававте со децении наназад“. Зошто тоа е важно за вашето творештво или воопшто за нечие творештво?

– Врската со претходниците во една национална книжевност сметам дека е важна за сечие творештво, а конкретно за моето – мислам дека е еден од најважните поетички постулати. Со децении се занимавам со претходниците на различни нивоа, пишувам критики, есеи, омажи, но и раскази за нив, ги реактуелизирам и истражувам, ги препрочитувам и ресоздавам. Порано пишував поизразено постмодернистички, писателите-претходници ми беа ликови, со текот на времето „врската“ се менуваше, се трансформираа нивоата на реферирање, од бегол допир со името, со насловот, со манирот, или дури и само со одреден нивни препознатлив збор, фраза,.. сè до класичен римејк или книжевна травестија. Длабоко верувам дека нивните зборови треба да се тркалаат како џамлии во нашите реченици; нашите писма да се прпелкаат во нивните како во шеќер во прав. Тоа е многу важно за континуитетот, за развојот на националната книжевност, за сите нас.

Фото. Б. Грданоски

Живееме во време кога Интернетот го замени читањето на добра литература. Дали сметате дека навистина постојат огромни, непремостливи разлики помеѓу луѓето кои читаат книги и оние кои не читаат?

– Да, сметам дека постојат огромни разлики помеѓу луѓето кои читаат и оние кои не читаат, зашто ништо не може да го замени читањето, ниту, пак, да го скрие нечитањето. Секој наш изговорен или напишан збор нè издава дали и колку читаме. Личниот лексички фонд и нивото на користење на јазикот воопшто се видливи и во најбанална комуникација на улица, во лифт, на куќен совет, во пекарница,.. (не)читањето, (не)образованието истекуваат од секаде, од најситните ѕирки и проѕирки на секојдневието. Мислам дека не е можно ниту убаво да се зборува, ниту добро да се пишува без читање.

Пишувате различни жанрови, поезија, романи за деца и возрасни, раскази за возрасни, критика и есеистика, сликовници… Што ви одзема најмногу енергија?

– Романот, но тој, од друга страна, носи и најголем предизвик и најголема возбуда. Долго мислев дека расказот за возрасни е мојот венчален жанр, но последните години не сум сосем сигурна во тоа. Како и да е, на периоди ме окупира еден жанр, потоа друг… Не си задавам себеси што кога треба да пишувам, идеите си го пронаоѓаат жанрот, не тој нив. Долго не бев пишувала за деца и мислев дека таа книжевност творечки е веќе завршена за мене, но, еве, не било така. Книжевната критика, пак, е некаква тивка константа. Никогаш не ми била ни најважна, ни најгласна, но никогаш и не сум престанала да ја пишувам. Интензивно читам и имам нагласена потреба да го коментирам тоа што го читам, независно од пишувањето други нешта.

Како, всушност, почна вашата литературна авантура, која е дел и од вашиот професионален живот?

– Веројатно како и кај повеќето писатели, уште во детството и раната младост. Првата книга ја објавив на 16 години (тоа е онаа „поезија“ што ја спомнувате во претходното прашање), и сега со олкава дистанца, мислам дека тоа било прерано, можеби дури и непотребно. Она што ќе го напишеме мора да има долго читачко сеќавање. Уште од основно училиште знаев дека ќе пишувам, ама сè до крајот на гимназијата мислев дека ќе студирам нешто друго. Потоа одеднаш сфатив дека книжевноста ме интересира премногу за да се занимавам со што и да е што не е книжевност.

Имате ли омилен автор од домашната и светската литература?

– Секако, но мислам дека поважно од омилен автор е да се следи развојот, трендовите, иновациите,.. да се следи продукцијата на нашето време, да се читаат современиците генерално, искрено, посветено и без ронка завист. Настојувам сериозно да ја следам домашната книжевност, се трудам да бидам во тек и со регионалната. И, она што ми прави голема радост и што ми влева надеж, е сознанието дека успеваме да држиме чекор. Имаме одлични автори од сите генерации, одлични книги во сите жанрови.

Вие сте и автор, и уредник, и промотор, и модератор, и член на жирија за многу книжевни награди. Кој е вашиот издувен вентил од толку обврски и одговорности?

– Имам чувство дека од мене се очекува да кажам дека издувен вентил ми е рачната работа, дека плетам, везам, шијам… затоа што рачноработноста ја самопрогласив за своја поетика, имам објавено „Сплетени раскази“, „Сошиени раскази“, разни текстилни приказни… Но, во последно време ниту плетам, ниту везам, ниту шијам, пасионирано собирам раскази од последните шеесет години во кои едни писатели пишуваат за други, во кои се појавуваат туѓи ликови и книги, карасевди, наследени трауми,.. раскази кои завршуваат со извичници или истекуваат, години подоцна, во други жанрови. При сето тоа настојувам што повеќе да се зближам и спријателам со орхидеите дома и со босилекот и нането на терасата…