Цел месец не работи ПЕТ-скенерот за онколошките пациенти, тврди СДСМ

Опозициската СДСМ тврди дека еден месец не функционира единствениот државен ПЕТ-скенер, многу потребен за онколошките пациенти.
„Со месеци трае хаосот во македонското здравство поради неспособноста на Таравари и и ДПМНЕ. Најпогодени се онколошките пациенти, чии животи се загрозени поради катастрофалниот менаџмент.
Откако веќе со недели недостасува биолошката терапија на Клиниката за онкологија, сега еден месец не функционира ниту единствениот државен ПЕТ-скенер.
Поради ова, пациенти од целата земја, чии терапии директно зависат од оваа дијагностичка процедура, се оставени без неопходното скенирање“, рече во изјава Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Според неа, наместо соодветен третман во јавното здравство, тие се принудени да бараат алтернативни решенија во приватните болници, каде што цените се екстремно високи, или во здравствени установи во регионот. СДСМ бара одговорност од директорката Невена Маневска и од министерот за здравство, Арбен Таравари.