Царините за увоз на овошје и зеленчук од 65 отсто се намалуваат на 10 отсто, освен за доматите, краставиците и пиперките


Фото: Б. Грданоски

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека со одлука на Владата царините за увоз на овошје и зеленчук од 65 отсто, 55 и 45 отсто се намалуваат на 10 отсто. Исклучок се доматите, краставиците и пиперките. Исто така се зголемува и квотата на увоз на јужно овошје за дополнителни 2.000 тони.

Тоа, како што изјави во „Студио 10„ на ТВ 24, ќе придонесе да се зголеми понудата и да се намалат цените. 

„Утрово ја завршивме седницата на Владата. Донесовме неколку одлуки во делот на намалување на царинските давачки за овошје и зеленчук на 10 отсто со исклучок на доматите, краставиците и пиперките за да им е остави простор на домашните земјоделци“, рече Бектеши.

Тој објасни дека годинава има зголемен извоз на земјоделски производи и уште еднаш ги повика трговците да не го забораваат и македонскиот пазар.

„Добро е што има зголемен извоз на земјоделски производи, но примарен треба да е нашиот пазар“, рече Бектеши додавајќи дека трговците, поради повисоките цени во соседните земји преферираат да продаваат на тамошните пазари со што како држава два пати губиме – недостатокот се надоместува со увоз што се оптоваруваше со царина од 65 отсто.

На пример, како што објасни, ако пиперките при увоз чинат 100 денари, со царините нивната цена се зголемува на 165 денари и тоа без трговските маржи. 

Мерките што ги донесе Владата се применуваат веднаш, а за пипеките, доматите и краставиците ќе важат од декември.