Царината во јули наплатила рекордни 205,54 милиони евра

Царинската управа во јули годинава реализира највисока месечна наплата на приходи, вкупно 12 милијарди и 641 милион денари или 205,54 милиони евра. Како што соопшти денеска директорот Бобан Николовски, ова е историски успех што се должи на секојдневната напорна и тимска работа, на професионализмот и посветеноста, на дисциплината, но и на воспоставениот нов систем на вредности – чесност, одговорност и транспарентност.
Според Николовски, раст на наплатата има по секој основ – од царина за дури 21,6 отсто, од ДДВ за 3,8 проценти, од акцизи за 4,5 отсто, како и од данокот на моторни возила за 10,4 проценти.
-Во јули постигнавме историски успех. Остваривме највисока месечна наплата на приходи во историјата на Царинската управа, 12 милијарди и 641 милион денари или 205,54 милиони евра. Прв пат ја надминавме недостижната бројка од 12 милијарди денари. Тоа не е само бројка, тоа е пресвртница. Минатата година во истиот месец, јули 2024, наплатата изнесуваше 11 милијарди и 993 милиони денари. Годинава ја надминавме со 5,4 проценти раст или со 10,5 милиони евра повеќе од рекордната наплата што ја остваривме тогаш. Тоа значи само едно, Царинската управа постави нови, повисоки стандарди, јасни и високи цели, рече Николовски на прес-конференција во Владата.
Како што напомена директорот, од денот кога го презел раководството, Царината поставува нови рекорди.
-Раст на наплатата на приходи има по секој основ – од царина за дури 21,6 отсто, од ДДВ за 3,8 проценти, од акцизи за 4,5 отсто, од данокот на моторни возила за 10,4 проценти. Ова не е случајност. Тоа е резултат на секојдневна напорна работа, професионализам и посветеност, резултат на нов начин на работа – чесен, одговорен, транспарентен. Зголемената наплата се должи на зголемен обем и вредност на увозот на машини, дел од електрични машини и опрема, и моторни возила, подобро управување со процедурите, подобрена контрола и координација со другите институции, Но, пред се, се должи на вложениот труд на секој вработен во Царината и испорачување, тимската работа и партнерскиот однос со компаниите – учесници во царинските постапки, подвлече Николовски.
Според него, ова е новиот систем на вредности во Царинската управа, систем што не бара изговори, туку решенија и резултати.
-Ова е одржлив систем што ќе го разобличи криминалот и ќе ја издигне економијата на државата. Ние не си поставивме цел само да бидеме подобри од претходното раководство, поставивме цел да бидеме подобри од себе си – секој ден, секој месец, секоја година. Патот беше тежок. Потребно беше да се изградат одново темелите – разнишани од несоодветни практики и недоверба. Но, со чесност, тимска работа, дисциплина и нов систем на вредности, покажавме дека е можно да се работи поинаку. Докажавме дека Царината може да биде симбол на ред, доверба и просперитет. Во таа насока, новите униформи и новите млади кадри во Царинската управа нека бидат симбол на нов почеток – поттик за уште подобри резултати, уште посилна институција, во служба на Македонија и нејзините граѓани. Сакам јасно да порачамм, ќе биде уште потешко и затоа ќе бидеме уште појаки. Ова го правиме за нашата држава. Нема отстапување. Нема назад. Само напред, дециден е директорот.
Вчера премиерот Христијан Мицкоски најави дека се очекуваат многу високи бројки од Царинската управа во однос на наплатата на приходите. Тој го квалификуваше резултатот како „нешто што не е воопшто забележано досега“.