Бугарското МНР разочарано од Резолуцијата за македонските „црвени линии“


Министерството за надворешни работи на Бугарија е разочарано од Резолуцијата на Собранието на Македонија со која се утврдуваат „црвените линии“ за преговорите со Софија. Бугарското МНР со жалење забележува дека овој чин доаѓа во време кога билатералниот дијалог меѓу Софија и Скопје „ почна да влегува во позитивна и ветувачка фаза како резултат на многу напори“.

Бугарија со нетрпение очекувала да биде објавена резолуцијата со цел внимателно да се анализира нејзината содржина во однос на нејзината компатибилност со Договорот за пријателство  од 2017 година. Бугарското МНР предупреди дека за нив  би било целосно неприфатливо да се мотивира или да се оправда непочитување на овој Договор.

Во македонската резолуција изгласана вчера се инсистира „преговорите да се водат на еднаква и принципиелна основа, со задолжително почитување на меѓународното право, без никакви услови од двете страни и со почитување на достоинството на македонскиот народ“.Се истакнува „автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен и верски континуитет“, постоењето на македонскиот јазик со неговите дијалекти и територијален и временски континуитет, како и македонскиот идентитет, кој „својот легитимитет го црпи од вековните традиции, обичаите, колективната меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната уникатност, колективен континуитет, почитување на традиционалните верски институции и наративот за припадност на одредена географска и историска територија“.