Бугарската владејачка коалиција се тресе околу воената помош за Украина

Кога Бугарија треба да биде проруска - зборува Корнелија Нинова, кога треба да биде проамериканска - зборува Христо Иванов , а кога треба да зборуваат за Македонија, го ставаат напред „Има таков народ“, се потсмева Бојко Борисов со владејачката коалиција


 

Владејачката коалиција на последниот работен ден пред велигденските празници се соочи со  ултиматум и пол на тема воена помош за Украина, откако Демократска Бугарија го зацврсти тонот за клучната геополитичка одлука. Оваа одлука се одлага повеќе од еден месец поради ставот на БСП дека ќе се повлече од коалицијата доколку владата испрати дури и еден куршум  во земјата нападната од Русија.

Во средата вечерта парламентарната комисија за надворешна политика гласаше за испраќање само „техничка помош за заштитни цели“ (за што Бојко Борисов саркастично порача дека вклучува и кондоми), а во четвртокот наутро претседателот на Народното собрание  не ја стави одлуката на дневен ред. Христо Иванов од Демократска Бугарија потоа побара да се одржи коалициски состанок веднаш по празниците.

Ова предизвика реакција на премиерот Кирил Петков на Фејсбук дека „време е да престанеме да зборуваме за црвени линии и да поставуваме ултиматуми“ и побара  приближување на инаку спротивставените позиции на двајцата коалициски партнери. Политичките престрелки во  Владата се совпаднаа со тридневната посета на министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба, кој истакна дека „никогаш не добил јасен одговор дали и како Бугарија ќе ја поддржи неговата земја со воена помош“.

Тешко е да се предвиди каков ќе биде исходот од коалицијата отсега па натаму, но поверојатно е дека одлуката може неформално да се донесе во вторник, за време на очекуваниот коалициски совет. Доколку спорот за коалицијата продолжи, одлуката за воена помош ќе зависи од опозицијата, односно од ГЕРБ-СДС и ДПС (партијата на Турците).

Половина ултиматум

Вчера беше прифатен само предлогот за давање „техничка помош за заштитни цели“, но не и нацрт-одлуките на Демократска Бугарија и ГЕРБ-СДС за поддршка на Украина со оружје. Ова доведе до реакција на пратеникот Атанас Славов кој изјави дека доколку не се прифати воено-техничка помош, тоа ќе биде „црвено знаме или црвена линија“ за коалицијата. Во изјавата за новинарите, копретседавачот Христо Иванов не кажа јасно дали евентуалното одбивање да се обезбеди воена помош за Украина би значело дека Демократска Бугарија ќе ја напушти  коалицијата, но рече дека ќе биде сè поупорен и ќе процени дали коалицијата е во состојба да ги оправда сопствените тврдења дека е евроатлантски ориентирана. „Ова не е ултиматум, ова е реалност“, рече Иванов додавајќи дека Украна е жртва на агресија и Бугарија не може да стои настрана додека другите сојузнички земји на Бугарија од НАТО одамна пратија оружје во оваа држава.

„Се трудам да не се занимавам со ултиматуми, но реалности има и тие се такви што, ако власта не одговара на декларираниот идентитет, не можеме да останеме дел од неа“, рече Христо Иванов.

На прашањето дали спорот за воената помош за Украина може да доведе до нови избори, Иванов рече дека тоа е ризично, но „не можеме да си дозволиме да избираме помеѓу две зла – или да одиме на избори за кои земјата не е подготвена“, или да ја фрлиме земјата „во состојба на непријавена неутралност и одвоеност од евроатлантското семејство“.

Што (не) сака „Продолжуваме со промената“

По почетокот на руската војна во Украина, претставници на „Продолжуваме со промената“, како претседателот на парламентот Никола Минчев и вицепремиерот Асен Василев се изјаснија за поддршка на воената помош за Украина. Во овој контекст, беше изненадувачки предлогот од најголемата формација во парламентот да ѝ се обезбеди на Украина  „техничка помош за заштитни цели“, но да не се испраќа оружје. 

Атанас Михнев („Продолжуваме со промената“), кој е заменик-претседател на Комисијата за надворешна политика, најави дека тоа значи испраќање панцири и шлемови. Сепак, остана непознато зошто е потребна парламентарна одлука, имајќи предвид дека владата испрати таква заштита во Украина на почетокот на април без да побара одобрение од Националното собрание. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вчера јасно стави до знаење дека е потребна воена помош на Украина и „недостигот на помош за нас, со тврдењата за неутралност – значи да се биде на погрешната страна на историјата“.

На темата поентираше лидерот на опозицијата Бојко Борисов кој порача дека војната во Украина може да се запре само со испраќање оружје. 

„Што значи техничка помош и заштитни сретства? И кондомите се заштитно сретство“, посочувајќи дека Кулеба јасно кажал што му треба. Според него, кога Бугарија треба да биде проруска зборува Корнелија Нинова, кога треба да биде проамериканска зборува Христо Иванов , а кога треба да зборуваат за Македонија ја ставаат напред партијата Има аков народ, потсмевајќи се практично со избегнувањето на Владата да води некаква кохерентна надворешна политика и да донесе став за било што.

Дека Петков се крие околу Македонија зад Има таков народ, иако наводно тој ги води преговорите, се виде и од именувањето на преставник од ИТН како прв човек на парламентарната група за „пријателство“ со Македонија, а сега кога снема храброст да ја потпише одлуката за тргање на ветото во ЕУ, се „фати“ за спас приклучувајќи се на делегацијата во Битола со Јотова, Захариева и Каракачанов. Ништо чудно и ваквиот коалициски театар за криза во владата да е начин да се избегне од одговорност околу тешките прашања и да се добие екстра време за друг театар. (Н.В.)