Бугарија: Радев избра кадар на ГЕРБ за технички премиер

Бугарскиот претседател Румен Радев го направи првиот чекор за подготовките за одржување на шестите по ред предвремени избор. Тој го предложи долгогодишниот кадар на ГЕРБ и шеф на Заводот за ревизија, Димитар Главчев, за премиер на техничката влада.
„Шефот на државата Румен Радев го назначува претседателот на Заводот за ревизија, Димитар Главчев, за кандидат за технички премиер. На 30 март (сабота) претседателот ќе го прими Главчев кој ќе му го предложи составот на кабинетот“, соопшти во петокот вечерта кабинетот на Радев.
Само еден ден претходно лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, објави дека не се согласува ниту Главчев, ниту претседателот на Собранието Росен Жељазков да ја преземат функцијата. Во оваа ситуација не е јасно дали Главчев би се согласил да ја преземе функцијата, пишуваат бугарските медиуми. Главчев беше избран за шеф на ревизорите во јули 2023.
Предлогот за кандидат за премиер доаѓа по завршувањето на вториот ден од преговорите меѓу претседателот Румен Радев и потенцијалните кандидати за технички премиер. Заменик-гувернерот на централната банка, Андреј Ѓуров не ја отфрли можноста да ја преземе функцијата, но шефот на државата го избра кадарот на ГЕРБ.
Пред еден ден и официјално беше објавено дека земјата оди на нови предвремени парламентарни избори, но пред да се одреди датумот мора да биде назначен привремен премиер кој ќе предложи влада. Според измените во уставот од крајот на минатата година, за премиер мора да биде избран човек од редот на претседателот на Народното собрание, гувернерот или заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, претседателот или заменик-претседателот на Ревизијата, и народниот правобранител или негов заменик.