Бугарија – најмониторирана земја членка во Советот на Европа

Здруженијата на Македонците во Бугарија поднеле лани дури десет барања за регистрација - и сите им ги одбиле


Хелсиншкиот комитет за човекови права во Бугарија објави листа на одлуки на бугарските институции и судови минатата година  со кои се одбива регистрацијата на здруженијата на Македонците и покрај сите пресуди на Судот за човекови права во Стразбур.

Според листата, барањата за регистрација на здруженија и културни клубови на Македонците во Бугарија се се побројни и тие не дигаат раце од обидите да ја истераат правдата, наспроти  експедитивноста на тамошните институции да ги одбијат  и иновирањето нови и нови причини за тоа.

Уште на почетокот на извештајот на Хелсиншкиот комитет на Бугарија стои дека земјата продолжила и во 2023 година да не ги спроведува клучните одлуки на Судот за човекови права во Стразбур и дека сите отворени предмети во него – и натаму стојат незатворени. Уште повеќе, во извештајот стои дека до крајот на минатата година под интензивен мониторинг од Стразбур биле 63 решенија собрани во 18 групи, што ја става Бугарија на петтото место меѓу земјите членки по бројот на неисполнети групни клучни предмети, по Русија, Украина, Турција и Романија. Гледано пак по  глава на жител, таа го дели првото место со Молдавија со неприменети  53% од  одлуките кои идентификуваат структурен проблем со човековите права.   

„Ниту една земја-членка на Советот на Европа  немалтолку висок удел на водечки пресуди под опсервација во 2023 година“, оценува Хелсиншкиот комитет на Бугарија, додавајќи дека во ноември и декември и  Комитетот за спречување на расна дискриминација на Обединетите нации ја критикувал владата за дискриминација на етничките малцинства и мигранти, за говор на омраза и за злосторства од омраза.

Главниот проблем за ваквата состојба, и според Хелсиншкиот комитет, е оспорувањето на регистрацијата на здруженија на Македонците во Бугарија.

„Во текот на годината, Агенцијата за регистрација  донесе голем број произволни и дискриминаторски пресуди, одбивања за регистрација кои беа потврдени од страна на судовите. Во јуни и декември ЕСЧП го испита спроведувањето на одлуките за групата предмети „ОМО „Илинден“ и други против Бугарија“ и изрече остра критика на Бугарија“, оценува оваа организација додавајќи дека место напредок или промена на ставот, дополнително било ограничено правото на мирно собирање на Македонците.

„Во 2023 година немаше промени во ставовите на бугарските институции и на голем дел од општеството во однос на признавањето на етничкиот идентитет на бугарските граѓани со македонска самосвест. Македонците и македонските организациите продолжија да бидат цел на говор на омраза, како и на напади. На почетокот на февруари неколку лица го нападнале со камења и ги искршиле стаклата на Македонскиот културен клуб во Благоевград. Сторителите се идентификувани и уапсени. Станува збор за двајца општински вработени, заедно со нивните сопруги, кои во полиција рекле дека фрлале камења кон стаклото на клубот во знак на огорченост од односот на граничните власти на Република Северна Македонија кон бугарските граѓани кои отишле во Скопје да се поклонат на гробот на Гоце Делчев“, стои во извештајот. Извршителите на нападот морале само да ја надоместат штетата на сопственикот на просториите, а клубот бил принуден да се затвори  по само неколку месеци постоење.

Во текот на годината пропаднале, според извештајот, десет обиди за регистрација на здруженија на Македонците во Бугарија, а причините за одбивањата се сведувале на објаснувањето дека тие се спротивни на уставот, дека ќе предизвикаат внатрешни поделби, дека сугерираат постоење на македонско малцинство, па и дека му се нарушени правата, до најновите трикови со барањето дупки во статутите, како тоа кој бил присутен на основачките собранија, кој решавал, дали решавал, дали има правила за влегување и излегување во здруженијата и слични небулозни формалности.

„Овие недоследности беа утврдени само во однос на македонските организации, но не и во однос на други, веќе регистрирани непрофитни организации, од чии статути ги позајмиле македонските организации проблематичните одредби“, оценува Хелсиншкиот комитет во извештајот, практично порачувајќи дека статути препишани од други организации кои добиле регистрација станале проблематични кога зад нив застанале бугарски граѓани што се декларираат со македонско етничко потекло.Уште повеќе, стои во извештајот, за одбивање на регистрациите се користеле аргументи  кои Судот за човекови права во Стразбур веќе ги разгледал и отфрлил.

Според листата што е објавена, регистрација побарале ОМО „Илинден“- Пирин, Друштво на репресирани Македонци во Бугарија -жртви на комунистичкиот терор, ОМО „Илинден“ – Пловдив, ОМО „Илинден“-Благоевград, Културниот клуб „Никола Вапцаров“ и Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права, и тоа од еден обид до трипати.

Како куриозитет, ОМО „Илинден“  – Пирин неуспешно се пријавува за регистрација како здружение веќе 20 години и во овие обиди, агенциите за спроведување на законот, вклучително и судовите, експлицитно носеа негативни одлуки врз основа на декларираната македонска припадност на организацијата.

На барањето за регистрација на Друштво на репресирани Македонци во Бугарија  им било пресудено дека бараат „формализација и промоција на етничка припадност за која апликантите тврдат дека постои во рамките на суверената држава“. По жалбата, било одговорено дека  „заштитата на правата и слободите на Македонците во Бугарија“ е активност насочена против суверенитетот, територијалниот интегритет  и унитарноста на земјата и на нацијата, која може да го разгори националното непријателство и кршење на правата и слободите на бугарските граѓани“.

Во вториот обид за регистрација пресудата гласела дека регистрацијата подразбира  „официјализирање и унапредување на етничка припадност за која апликантите тврдат дека постои во рамките на суверената држава. Сепак, такво етничко малцинство објективно не постои како посебна или друга воспоставена група на луѓе кои поседуваат религиозни, јазични, културни или други карактеристики што ги разликуваат од останатото население во државата“.

ОМО „Илинден“ – Пловдив, пак, биле одбиени со образложение дека „одредби од Статутот на здружението, во кои се зборува за застапување за правата на Македонците во Бугарија и се бара од бугарските власти стопирање на негирањето на нивниот македонски идентитет и заштита на нивните човекови и малцинските права, создава сугестија за присуство на лишени од права или прекршени такви права, на малцинска македонска етничка група на територијата на Република Бугарија…поради што основањето на здружение има за цел да ја подели нацијата, да се создадат предуслови за етничка конфронтација, што противречи на чл. 44, ст. 2 од Уставот на Републиката Бугарија“. Признавање на македонско малцинството, според него, е цел „ насочена кон поткопување на единството на бугарското нација и создавање предуслови за етничка опозиција во земјата“.

Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“  бил одбиен само затоа што во  името го има зборот „македонски“, што за бугарскиот суд значело дека „ активноста на здружението е насочена кон официјализирање и популаризирање на македонското малцинство и сугерира постоење на таков етникум, кој го сочинуваат преставници на малцинство  лишени од права“. Конкретно, според судот, не е јасно за што се работи во описот „автентично културно наследство на Македонците“.

Стразбур, според Хелсиншкиот комитет изразил жалење  што повеќе од 17 години по првата одлука на ЕСЧП здруженијата кои имаат за цел „признавање на македонското малцинство“ во Бугарија продолжуваат да не се регистрираат, по што побарал Комитетот на министри да упати директно писмо до бугарската влада и да ја нагласи потребата од брзи решенија со цел Бугарија да ги исполни „целосно и ефективно“ своите обврски кои произлегуваат од одлуките на Судот во овие случаи. Место тоа, Бугарија продолжува да го решава проблемот барајќи дискриминација на Бугарите во Македонија и нови банални изговори да не ги регистрира здруженијата на Македонците дома.  (С.Ј.)