Буџетот не е во лоша кондиција, но нема за сѐ, вели министерката Димитриеска – Кочоска
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска денеска оцени дека Буџетот не е во лоша кондиција и оти наплатата на даноците се одвива согласно проекциите.
Одговарајќи на новинарски прашања посочи дека очекува реализација на даночните приходи и придонеси согласно проекциите.
– Не би рекла дека буџетот е во лоша кондиција, но нема за се, исто како и дома. Никогаш буџетот на Македонија немал простор за се, не е ова првпат. Можеби јас како министер сега сум порестриктивна, не сакам да се трошат пари непродуктивно затоа што по короната бевме сведоци на тоа дека пари се трошеа многу непродуктивно – одговори Димитриеска – Кочоска на новинарско прашање.
Таа додаде дека сега само потранспарентно се зборува за работите за кои претходно некои не сакале да зборуваат.
Во рамки на се што е возможно и расположливо, потенцираше, правиме максимум, „а последниот податок за инфлацијата јасно покажува дека тоа што ни беше цел го постигнавме“.
Прашана за очекувањата за инфлацијата до крајот на годината посочи дека очекува да биде во границите од претходниот месец.
– Кога работите во услови на јавен долг кој цело време се движи под 60 проценти, ние не го зголемуваме, како секоја претходна влада. Како процент од БДП го држиме под 60 проценти, многу е тешко да ги менаџирате сите работи за да ја издржите психолошката граница. И во такви услови многу е подобро да проектирате малку попесимистичко сценарио и секогаш да се радувате дека ќе биде подобро од тоа што сте го проектирале затоа што немаме комоција. Друго е да имавме сега, денес, 50 или 55 проценти јавен долг во однос на БДП, па сега уште пет проценти да имаме простор да си правиме математика. Ние немаме и поради таа причина малку одиме со попесимистичко сценарио иако проекциите на ММФ и на Светската банка се под нашите за инфлацијата до крајот на годината. Верувам дека ова што го добивме последниот месец ќе остане горе долу во тие граници – рече министерката за финансии.

Инаку, денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и главниот државен ревизок Максим Ацески потпишаа меморандум за соработка помеѓу Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија со цел унапрдување на меѓуинституционалнта соработка и координација за градење посигурен, поефикасен и поодговорен систем на јавни финансии.
Министерката Димитриеска-Кочоска истакна дека денешното потпишување на Меморандумот за соработка со Државниот завод за ревизија го зајакнува партнерство коешто ги поврзува експертските, техничките и аналитичките капацитети на две клучни институции во заштитата на парите на граѓаните и создава поцврста институционална основа за заедничко дејствување во спречувањето и откривањето на неправилности, измами и коруптивни дејствија.
„Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија потврдуваат јасна политичка и професионална определба за силни институции, одговорно управување со јавните средства и нулта толеранција кон корупцијата. Ова партнерство не е само административен чекор, туку суштинска реформа, која дава основа за подобра координација, поголема транспарентност и поефикасна заштита на јавните средства. Нашата обврска е секој денар од домашните буџетски средства, како и секое евро од европските фондови, да биде потрошено законски, наменски, одговорно и во интерес на граѓаните“, истакна министерката на потпишувањето на Меморандумот.

„Потпишувањето на овој Меморандум претставува воспоставување на бескомпромисен систем на институционална синергија, која преку конкретна примена на меѓународните ревизорски стандарди и операционализација на АФКОС мрежата, гарантира дека секој денар од даночните обврзници е заштитен од неправилности и измами. Со оваа соработка, ние не само што ја подигнуваме транспарентноста и отчетноста на највисоко ниво согласно европските вредности, туку директно го подобруваме квалитетот на услугите за граѓаните, осигурувајќи дека средствата на даночните обврзници се користат наменски во насока на испорака на квалитетни, навремени и континуирани услуги на граѓаните“, изјави главниот државен ревизор Ацевски.
Иницијативата за Меморандумoт за соработка меѓу двете институции е резултат на добрата пракса во земјите-членки на Европската унија и истиот воспоставува рамка за соработка во повеќе области од заеднички интерес, овозможува размена на искуства, знаења и податоци, унапредување на професионалните капацитети и примена на европските стандарди.
Меморандумот ќе овозможи на двете институции размена на знаења и искуства преку работни средби, работилници, конференции, семинари, обуки и други форми на професионално усовршување. Вработените од Државниот завод за ревизија ќе можат да се вклучат како предавачи во обуките што ги организира Министерството за финансии преку Секторот – Академија за јавни финансии, додека експертите од Министерството за финансии ќе можат да придонесат во програмите за континуирано професионално усовршување на вработените во Државниот завод за ревизија. Предвидена е и редовна размена на стручна литература, сметководствени и ревизорски стандарди, методолошки прирачници, годишни програми за ревизорски активности, како и конечни ревизорски извештаи и акциски планови подготвени од јавните субјекти. Со Меморандумот се предвидени активности за подигнување на јавната свест за превенција и препознавање на неправилностите и измамите.