Бројот на загинатите во синоќешниот напад на украинската област Доњецк се искачи на 20


Шефот на регионот Доњецк, Вадим Филашкин, утринава во објава на Телеграм изјави дека бројот на загинатите вчера во регионот на Доњецк се искачи на 20, додека уште 43 лица се ранети, пренесува Би-би-си. „Русија убива цивили“, рече тој.

Тој додаде дека најновите податоци не ги вклучуваат ранетите во Мариупол и Волноваха, кои моментално се под контрола на руската војска.

Според претходното соопштение на украинските власти, десетици се ранети во руски напад врз Добропил, град кој се наоѓа северозападно од Доњецк, кој е под руска контрола. Во нападот доцна синоќа беа оштетени и осум станбени згради и една административна зграда, известија од регионалната служба за итни случаи.

Руските сили вчера вечерта извршија повеќе напади врз градот Добропил во Доњецката област, предизвикувајќи големи жртви и штети. Оштетени се и околу 30 возила.

Пожари избувнаа во станбени и административни згради, а при гаснењето на пожарот, уште еден напад, најверојатно со дрон, оштети противпожарно возило. И покрај заканата, пожарникарите продолжија со активностите при што беа локализирани пожари во 20 станови и изгаснати три поголеми пожари.

Спасувачките операции се во тек, а властите стравуваат дека под урнатините може да има уште жртви.