Бројот на советници и нивните плати се нужни за функционирање на Кабинетот на премиерот, вели Битиќи
Бројот на советниците и висината на нивните плати се нужни за функционирање на канцеларијата на премиерот, но и на министрите во Владата, вклучително и на мојот кабинет, изјави денес вицепремиерот Фатмир Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање околу новата листа на советници и висината на платите која вчера беше објавена во медиумите.
За разлика од порано кога имаше 56 лица, сега бројот на советници е намален на 23.
„Тоа би требало да го видиме од аспект дали е направно рационално, или нерационално, но претседателот на Владата би требало адекватно да биде информиран во секој момент“, изјави Битиќи.
„Во конкретниов случај станува збор за рационални трошоци. Сите до еден кои извршуваат функции покажавме дека грижата за граѓаните ни е на прво место. Ние веќе рационализираме на други места каде утврдивме дека има непродуктивни трошоци, но ова се секојдневни обврски“, додаде тој.
Коментирајќи ја забелешката дека платите се високи и дека средствата порационално би се искористиле за други намени, како набавка на компјутери за учениците за следење онлајн настава, Битиќи рече: „Имаме веројатно разединување во ставовите што е високо, а што е ниско“.
„Пазарот го одредува тоа и тоа е одлука лично на премиерот, а мое коментирање во таа насока не е соодветно“, рече Битиќи додавајќи дека до Владата не стигнало барање за набавка на компјутери, па затоа и не расправала на таа тема, но ако се укаже дека е системски проблем, владата адекватно ќе одговори. (М.Ј.)
.