Бродот на Тито, „Галеб“, се враќа во Риека како музеј


Бродот „Галеб“ следната недела се враќа во Риека, Хрватска.

„Влекачот (брод наменет за влечење, односно туркање други пловни објекти) „Галеб“ во Моло Лонго се очекува следната недела. Процесот се договара со управата на пристаништето во Риека, бродоградилиштето „Далмонт“ од Краљевица и Јадранската поморска служба и зависи, меѓу другото, и од временските услови“, потврдија од градската управа за „Нови лист“.

„Градот Риека сигурно ќе ги информира медиумите за датумот на влечењето штом ќе се дознае, со оглед на атрактивноста на чинот на влечење и влегувањето на „Галеб“ во пристаништето и закотвувањето во Моло Лонго“, додаваат од градската управа. Но, и по пет години поминати во бродоградилиштето Краљево, бродот сè уште не е целосно завршен и опремен.

„Галеб“ е изграден во 1938 година. Првично беше изграден за транспорт на банани, а во Југославија стана јахта на Тито. Со распадот на Југославија пропадна и „Галеб“. Така, ′рѓата со децении го уништува бродот, кој според бројни параметри одамна е подготвен за отпад.

Сакаа да го изнајмат, но нема заинтересирани
Но, во 2019 година Риека одлучи да го претвори во музеј и заедно со музејот да понуди комерцијални содржини во форма на угостителски објекти и сместување.

Договорот за реновирање на бродот беше склучен на крајот на ноември 2019 година со компанијата „Далмонт“ од Краљевица, а вкупната цена на работата требаше да изнесува 46,9 милиони куни, (нешто повеќе од 6,2 милиони евра)без вклучен ДДВ. Со вклучен ДДВ, оваа сума се искачи на 59 милиони куни (речиси 8 милиони евра) . Сè требаше да биде готово во 2021 година, во јануари.

Во летото 2023 година, градот Риека го објави првиот и досега единствен тендер за давање под закуп на тие 993 метри квадратни бродски простор, но и покрај писмата на намери од некои потенцијални инвеститори, тендерот заврши со фијаско бидејќи не пристигнаа понуди. Од Градот оттогаш повторија дека се подготвува нов тендер.

Вкупните трошоци за реновирање ќе надминат 15 милиони евра
Така, почнувајќи од следната недела, „Галеб“ ќе стои во Моло Лонго, на постојаното лежиште до тамошните кранови. По пристигнувањето на бродот во Моло Лонго и по обезбедувањето на закотвувањето и другите неопходни технички работи, на бродот ќе продолжи работата на опремување на музејската поставка, нагласуваат од Градот.

„Несомнено, „Галеб“, закотвен во Моло Лонго во пристаништето Риека, со право ќе го привлече вниманието на јавноста уште пред официјалното отворање, бидејќи е првиот хрватски музејски брод што ќе ја прикаже богатата, 87-годишна историја на бродот, различните намени што ги имал и неверојатните приказни за неговото потонување и спасување, потонувањето“, сметаат од Градот.

Од Градот досега соопштија дека планираниот рок за завршување на реновирањето на музејската поставка е април годинава. Затоа, свеченото отворање на Галеб би можело да се одржи во пресрет на локалните избори во мај. Дел од трошоците за реновирање на бродот се финансирани од европските фондови, а од „Нови лист“ наведуваат дека вкупните трошоци ќе надминат 15 милиони евра.