Брижит Бардо ќе биде погребана покрај морето во Сен Тропе
Француската филмска икона Брижит Бардо, која почина во недела на 91-годишна возраст, ќе биде погребана на крајбрежните гробишта во Сен Тропе на француската ривиера, изјави портпаролот на локалната самоуправа во понеделник, иако не даде датум на погребот.
Актерката, која стана симбол на Франција во 1950-тите и 60-тите години, живееше во омиленото место на богатите каде што наоѓаше утеха меѓу животните на кои им се посвети.
„Беше прекрасна, прекрасна, нема други зборови. Навистина ќе ни недостига“, рече жителот на Сен Тропе, Филип Волмиер, во понеделник.

„Многу им помагаше на луѓето“
Волмиер рече дека ја познавал 30 години и ја видел како шета кучиња на плажа. „Еднаш падна во водата со своето куче. Морав да ја извлечам“, рече тој. „Таа беше пријателка која многу им помагаше на луѓето“.
Претседателот Емануел Макрон во неделата изјави дека Бардо е олицетворение на „слободен живот“. „Француско постоење, универзална брилијантност. Таа нè допре. Жалиме за легендата на векот“, додаде тој.
Во поголемиот дел од подоцнежните години, таа живеела сама зад ѕидовите на медитеранскиот рај, опкружена со мачки, кучиња и коњи.
Таа изјави за францускиот неделник „Париз Мaч“ во 2024 година дека сака да биде погребана во својата градина.
Префектурата Вар изјави за Ројтерс дека не добила барање за приватен погреб, што би било неопходно за погреб во нејзината градина.