„Бритиш ервејз“ ја повлекува целата флота од џамбо џетови на „Боинг- 747“


„Бритиш ервејз“, авиокомпанијата која најмногу во светот ги користи авионите „Боинг 747“, соопшти дека ја повлекува целата своја флота од џембо џетови заради падот на туристичката индустрија предизвикан од пандемијата на коронавирусот.

Глобалните мерки за ограничување, воведени за да се запре ширењето на Ковид-19, доведоа до драстичен пад на воздушниот сообраќај, што ја доведе во прашање иднината на многу авиокомпании.

„Малку е веројатно нашата величествена „кралица на небото“ некогаш повторно да биде искористена за комерцијалните летови на „Бритиш ервејз “, се наведува во соопштението на компанијата.

„Бритиш ервејз“, која е во сопственост на британската група ИАГ, додаде дека ќе работи со повеќе модерни авиони што трошат помалку гориво, како што се новите „А350“ и „787“, како и дека очекуваат овие авиони да им помогнат да постигнат нето-нулта емисија на јаглерод до 2050 година.