Британскиот парламент наскоро би можел да се грее од топлината на метрото
Топлината генерирана во лондонското метро, каде што температурата понекогаш надминува 30 степени, наскоро ќе се користи за снабдување со енергија со ниска содржина на јаглерод во институциите во центарот на британскиот главен град, како Парламентот или Даунинг стрит, велат застапниците на новиот проект.
Наречена Мрежа на областа Јужен Вестминстер (South Westminster Area Network (Swan), таа ќе биде една од првите и „најголемите топлински мрежи“ во Британија и проектот е започнат од владата, беше откриено денеска.
Тоа ќе овозможи користење на вишокот енергија генерирана од подземјето, канализациониот систем и реката Темза за загревање на стотици историски згради и институции во округот Вестминстер.
Работите на изградбата на оваа подземна цевководна мрежа треба да започнат во 2026 година.
Во метрото температурата надминува 30 степени
„Користењето на отпадната топлина од лондонското метро и реката Темза за напојување на зградите икони како што се Домовите на Парламентот и Националната галерија е ветувачки пример за тоа што може да се направи со евтино греење со ниска потрошувачка на јаглерод“, рече Миата Фанбулех, заменик-државен секретар во Министерството за енергетика.
Мрежата, откако ќе се постави, треба да заштеди 75.000 тони CO2 годишно, без да предизвика големи топлински загуби на локално ниво.
Температурата во лондонското метро редовно достигнува 30 степени, уште повеќе во лето, покажуваат податоците на организацијата Transport for London (TfL), што предизвикува жалење на корисниците на мрежата.
Сè уште не е објавено кои згради ќе бидат поврзани со мрежата, но музејот Тејт Британија, станицата Викторија и Вестминстерската опатија се на нејзината рута.
Изградбата на мрежата „Лебед“, на иницијатива на Владата и Советот на Вестминстер, ќе започне со заедничко вложување формирано од енергетските компании Хемико и Витал Енерџи.
Намалување на загаденоста на воздухот
Во овој проект до 2050 година мора да се инвестира една милијарда фунти (1,2 милијарди евра). Тоа, според двете компании, треба да отвори 500 работни места и да ги намали сметките на корисниците на овој извор на енергија со низок јаглерод, генерално „40 отсто поевтин“ од топлинските пумпи.
Велика Британија има амбиција да ја декарбониизира својата електрична енергија до 2030 година, а потоа да постигне јаглеродна неутралност до 2050 година.
Овој проект ќе го намали загадувањето на воздухот во Вестминстер и ќе ја „зајакне енергетската безбедност на земјата“, заклучи Миата Фанбулех.