Британската полиција уапси маж за кражба на сирење во вредност од 300.000 фунти
Полицијата во Велика Британија уапсила 63-годишен маж под сомнение дека во Лондон украл старо сирење чедар во вредност од 300.000 фунти (356.000 евра), пишува американската ТВ Ен-би-си.
Повеќе од 24 тони сирење неодамна беа украдени од една од најпознатите британски млечни компании, соопштија властите.
Осомничениот е приведен поради сомнение за измама со „лажно претставување и ракување со украдена стока“.
– Тој беше одведен во полициска станица во јужен Лондон, каде што е испрашуван, а подоцна пуштен со кауција во очекување на истрага, изјави портпаролот на британската полиција.
Чедарот е земен од млекарницата „Нилс Јард Дејри“ на 21 октомври, објави компанијата на Инстаграм.
Измамникот, кој се претставил како дистрибутер на француска компанија, зел 950 ролни занаетчиски подготвен и одлежан чедар завиткан во ткаенина, соопшти компанијата чиј магацин за сирење останал празен.
Компанијата повика „ако некој некому понуди или достави сирење за кое веруваат дека е поврзано со оваа кражба, особено чедар во ткаенина во ролни од 10 или 24 килограми без ознаки на производителот“, да ја известат со цел „да ја поддржат полицијата во истрагата“.