Brainster: До 2025 дефицит од 5.142 ИТ кадри, земјава меѓу последните во Европа по STEM дипломци


Дури 50 отсто од работните места во претстојниот период ќе се автоматизираат, а за дури 90 проценти ќе биде потребно поседување дигитални вештини, покажуваат најновите светски истражувања. Поради КОВИД-19 и се поинтензивната автоматизација, професиите во дејностите наука, технологија и инженерство ќе бидат во пораст за речиси четири отсто, а најголем пад од пет проценти ќе има кај административната и канцелариската дејност, како и кај производството, за 4,6 отсто.

Како што наведува македонската компанија за едукација Brainster која на својата нова платформа Future of Jobs ги посочува најновите трендови за професиите на иднината, најголем ризик за губење работни места ќе има во трговијата на големо и мало, производството, хотелиерството, угостителството и градежништвото.

Според Светскиот економски форум, најбарани професии ќе бидат дата аналитичари и научници, специјалисти за вештачка интелигенција и машинско учење, специјалисти за големи податоци (Big data), специјалисти за дигитален маркетинг и стратегија и специјалисти за автоматизација на процеси, а работни места со намалена побарувачка записничари и внесувачи на податоци, административни и извршни секретари, сметководители, монтажери и работници во фабрика.

Во земјава, нагласува Brainster, се проектира сериозен недостиг од кадри во ИКТ индустријата. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2019 година имало 685 дипломирани студенти на ИКТ студии што резултирало со недостаток од 568 луѓе имајќи го предвид просечниот годишен раст од 1.253 нови работни места.

-Проектираниот недостаток на работна сила во ИКТ секторот за периодот 2020-2023 е дури 5.142 работници. Овде во најголема мера се професиите од различните области од STEM (science, technology, engineering and mathematics). Еуростат, пак, наведува дека токму во овие области има дефицит на дипломирани кадри. Во извештајот се посочува дека во земјава има 7,7 STEM дипломци на илјада жители и по тој параметар земјата е практично на крајот, односно на 33. место од вкупно 35 земји членки на ЕУ и кандидати земји членки за ЕУ за кои Еуростат води статистика, посочува Brainster.

Сите овие податоци, укажува комапнијата, алудираат на сериозна потреба од инвестирање во ИТ образование за да се подобрат вештините на населението и да се одговори на зголемената побарувачка за квалификувана работна сила.

-Платите во ИКТ секторот ќе продолжат сѐ повеќе да отскокнуваат од просекот, а и гледајќи наназад, Државниот завод за статистика објавува пораст од 14 отсто на просечната месечна бруто плата по вработен во секторот „Информации и комуникации“, и тоа за само еден месец, односно од ноември 2020 до декември 2020 година. Истиот извештај ги анализира и најплатените работни позиции на македонскиот пазар, каде на прво место на листата највисоки просечни плати по вработен се исплатени во дејноста компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, и тоа со просек од 76.223 денари нето плата, истакнува Brainster.