Божо Вреќо пред концертот во Скопје: Севдахот ме избра мене за свој совршен партнер
Јас сум многу среќен секогаш кога доаѓам во Македонија затоа што сето тоа ме инспирира и допира, особено македонските носии и рефрени, вели во интервјуто за „Независен“ Вреќо чиј специфичен вокал стана светски познат
Божо Вреќо е босански пејач кој на своите настапи ја негува босанската севдалинка, во модерен и во џез манир. Она по што е препознатлив на сцената е неговата екстраваганција, а имиџ по кој е карактеристичен се фустаните, наметките и модните детали што со гордост ги носи. Дел од нив се од неговата сопствена работилница „Вреќо“. Божо кој постигна светски успех, ова интервју го одговараше од Ерусалим, каде го прослави својот роденден. На 1 ноември,во 20 часот, тој ќе одржи концерт во Филхармонија во Скопје, во организација на „Мјузик Тајм“.
![]()
Кога точно знаевте дека модерната севдалинка ќе ви биде професионална ориентација, како се одлучивте за овој вид музика?
-Севдахот ме избра мене за свој совршен партнер и таа симбиоза се покажа како златна нишка на песна испеана од душата, тоа беше магична формула за песна на душевна болка и воздишки на срцето.
Сигурно е дека со храброст ги заменив сите пукнатини и ги наполнив со светлина и на тој начин и вдахнав нов живот. Јас всушност, и преобликував и се ослободив од сè што имаше некаква поделба и бариера, дишев за слободата, тоа беше револуционерен и авангарден потфат што ме чекаше мене и мојата посветеност. Многу се гордеам со ваквата ослободена верзија на модерната и авангардна севдалинка, која не е птица пејачка во кошница, туку рој птици на гранките на дрвото, кои можат најубаво да пеат само кога се слободни. Исто како и јас.
Маж и жена, сликар, археолог и алпинист, писател и автор на Севдалинка – ова се сите зборови кои го опишуваат уникатниот балкански уметник Божо Вреќо – вели Би-Би-Си во описот за вас. Колку е точен овој опис?
-Точен е во целост, ќе има храброст и љубов и благодарност кон Бога на кого му должам сè.
Какви впечатоци имате од последното гостување во Скопје, дали забележавте сличности во менталитетот меѓу Македонците и Босанците?
Истата страст, посветеност, умешност и љубов кон музиката и животот, јас сум многу среќен секогаш кога доаѓам затоа што сето тоа ме инспирира и допира, особено македонските носии и рефрени. Со нетрпение ги очекувам моите пријатели и публиката која со нетрпение ме очекува. Секое патување е специфично, магично и единствено, нека остане така.
Освен во регионот, вашиот богат и специфичен вокал стана светски познат, каде настапувавте, кој е вашиот најголем меѓународен успех?
-Турнеи во Австралија, Америка, Канада, Скандинавија, Европа, со нетрпение го очекувам секој нов потфат и патување и концерт што ќе го направам и повеќе од тоа, препуштајќи се на емоциите и натприродната љубовна приказна, подеднакво горд сум на секоја , но мојот прв распродаден Бродвеј во Њујорк беше навистина импресивно искуство.
Со што моментално сте окупиран покрај настапите, и што ве радува приватно?
-Патувам и пишувам книги, напролет ќе излезе нова, како и нов албум, моментално сум во Ерусалим и собирам материјал за сите мои нови песни и инспирации. Приватно, она што ме прави среќен е искреноста и добрината на срцето, новите познанства, моите пријатели на кои сум верен и најмногу ме сакаат, мојата публика на која сум неизмерно благодарна, а она што ме прави најсреќен е сознанието дека Бог отсекогаш бил во мојот живот и дека ми заштитува и ми подарува натприродна благодат и љубов. Благодарен сум за секој подарок што го добивам.
Дали сте емотивно исполнет, и без разлика што пеете севдах, дали сте приватно среќна личност?
-Јас сум среќен и исполнет бидејќи мојата среќа и исполнетост зависи само од мене. Опкружен сум со многу љубов и покрај сета тага и меланхолија и копнеж за кои пишувам и пеам. Животот го живеам скромно со едната нога во имагинарното, а другата само во реалниот свет. Ме прави комплетен и исполнет за сето она што допрва доаѓа, а големите моменти допрва ќе се навестуваат.

Фустаните се дел од вашиот уметнички израз. Како избирате што ќе облечете на концертите, со кого соработувате?
-Повеќето фустани се од мојата работилница Вреќо, а од дизајнерите ми се допаѓаат Yamamoto, Miyake иRick Owens, тоа се моите избори и секогаш е најдобар избор и комбинација.
Мислам дека сè се надополнува и усогласува со енергијата на концептот на концертот, нешто е сосема флуидно и без претходна определба, треба да се случи и да се усогласи во моментот кога ќе излезам на сцената, затоа и верувам на интуицијата и на моментот што се случува пред нас , како магија. (Л.С.)