Божиновска во Атина по повод 20-годишнината од Енергетската заедница: Пазарна интеграција за поодржлива иднина

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на Неформалниот министерски совет на Енергетската заедница, кој се одржа во Атина.
Овој значаен настан, одржан по повод 20-годишнината од формирањето на Енергетската заедница, собра министри од земјите-членки за да разговараат за клучните чекори кон целосна интеграција на електроенергетските пазари меѓу Европската Унија и Договорните страни, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерката Божиновска имаше обраќање во кое ја истакна посветеноста на Македонија кон заедничката визија за поинтегрирана, почиста и побезбедна енергетска иднина. Во фокусот на дискусиите беше забрзувањето на пазарното поврзување, што ќе го поддржи климатското усогласување и ќе ја зајакне енергетската безбедност на регионот. Министерката ги презентираше постигнувањата на Македонија, вклучително и назначувањето на МЕМО како Номиниран оператор на пазарот на електрична енергија (NEMO) во јуни 2025 година, како и напредокот во усвојувањето на законодавството и соработката со ACER, ENTSO-E и регионалните партнери.
Покрај пазарната интеграција, на Советот се разговараше за еколошките реформи и климатските цели. Министерката нагласи дека Македонија, со поддршка на Енергетската заедница, активно работи на имплементација на европските директиви за проценка на влијанието врз животната средина, квалитетот на воздухот, контролата на емисиите од големите постројки за согорување и стратешкото еколошко планирање. Овие мерки придонесуваат за почиста животна средина, поздрави заедници и долгорочна енергетска стабилност.
Дваесетгодишнината на Енергетската заедница беше можност да се оддаде признание на досегашните успеси и да се потврди заложбата за понатамошна соработка. Министерката Божиновска изрази благодарност за клучната улога на Енергетската заедница во поддршката на реформите и интеграцијата на Македонија кон европските стандарди, нагласувајќи ја важноста на заедничките напори за постигнување на целите за декарбонизација и климатска неутралност, посоувајќи оти земјава останува посветена на визијата за енергетски интегрирана и одржлива Европа.