Божиновска го потпиша Меморандумот за соработка, Македонија официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор


Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска попладнево во Солун, во рамки на 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа (SEEF), го потпиша Меморандумот за соработка, со што Македонија и официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор.

Како што истакна Божиновска пред потпишувањето, Вертикалниот енергетски коридор не е само гасоводна инфраструктура, туку ја претставува новата безбедносна, економска и геостратешка архитектура на Југоисточна Европа.

– Денес сум исклучително горда да истакнам дека, по интензивни дипломатски напори, Северна Македонија официјално се приклучува кон Вертикалниот гасен коридор. Ова е историски момент преку кој, по цели три децении, ја прекинуваме нашата целосна зависност од една гасна рута, рече министерката.

Божиновска информира и дека интерконекторот со Грција се очекува да биде оперативен во 2027 година, а по неговото пуштање во употреба, Македонија ќе обезбеди почетен капацитет од 1,4 милијарди кубни метри природен гас годишно, со реална можност за двојно зголемување на овој капацитет во иднина на 2,8 милијарди кубни метри.

– Визијата на Македонија не застанува тука. Веднаш продолжуваме со следниот чекор – планираниот 23-километарски интерконектор со Србија. Преку овој проект, Северна Македонија стреми да стане клучен енергетски транзитен центар што го поврзува југот со Централна и Источна Европа, посочи Божиновска.

Според неа, Македонија Вертикалниот коридор го гледа и како катализатор на зелената транзиција.

Министерката Божиновска, пред потпишувањето на Меморандумот, учествуваше на панел во рамките на SEEF, заедно со своите колеги од Грција, Бугарија и Кипар. Се осврна на инфраструктурнито поврзување.

-Поголемиот дел од административната работа за интерконекторот со Грција е завршен, цевките се таму, сѐ околу земјиштето е веќе во процес на обработка, така што сме на вистинскиот пат. Имаме 68 километри и напредуваме како што треба. Следниот јуни е очекуваниот датум кога ова треба да биде завршено. Со Србија минатата недела го потпишавме договорот — тоа се само 23 километри, но сепак има уште долг пат бидејќи дури сега почнуваме. Тоа значи крајот на следната година, почетокот на 2028 година, односно во 2028 година сѐ ќе биде подготвено од Грција до Србија, рече Божиновска.

Претпладнето министерката учествуваше на панел на 6. Метрополитен самит, на кој Вертикалниот гасен коридор беше една од клучните теми.

На двата настана, самитот и форумот, посветени на енергетската безбедност и сигурност, освен министри, учествуваа и претставници на најголемите енергетски компании и на меѓународни институции, експерти, регулатори и инвеститори.