Босанците елиминирани, дома се враќаат како херои, федерацијата побогата за 23,5 милиони долари


Санта Клара – Босна и Херцеговина беше елиминирана од Светското првенство. Со еден играч повеќе, загубија со 2:0 од САД во осминафиналето. Головите за САД ги постигнаа Фоларин Балогун во 45-тата минута и Малик Тилман во 82-тата минута од натпреварот одигран во Санта Клара. САД ќе играат против Белгија во осминафиналето на 7 јули во 14 часот.

И покрај поразот, во БиХ се горди на тоа што го направија, а и федерацијата ќе биде побогата за 23,5 милиони долари за учеството и пласманот во нокаут фазата.

Селекторот Сергеј Барбарез се расплака после мечот и рече дека тоа биле солзи радосници.

„Овие солзи по натпреварот не беа солзи од тага, туку солзи од радост, солзи од среќа и гордост!!! Солзи од благодарност, што имав можност да правам нешто што го сакам, што имав можност да пишувам историски моменти и на крајот, најголемата работа од сè, што имав привилегија да работам со овие прекрасни момци, моите играчи“, напиша Барбарез на Инстаграм.

„Дадовме сѐ од себе, но за жал не го напуштивме теренот како победници. Нашата приказна во Америка е завршена, но нашето патување што го започнавме пред две години продолжува со кренати глави. Ви благодариме милион пати за секоја емоција, секоја насмевка, секоја надеж, секој поминат километар, секоја непроспиена ноќ. Верувајте во нас и бидете поддршката што ни бевте од самиот почеток, бидејќи едно е сигурно, само заедно и гордо можеме повторно да напишеме нови страници од нашата фудбалска историја!!!“, додаде Барбарез.