Борисов одлучи, а Даниел Митов веднаш го врати мандатот за формирање на владата
Мандатарот за состав на новата бугарска влада, Даниел Митов, утринава му го врати мандатот на претседателот Румен Радев, пред да помине законски утврдениот рок. Тоа го најави неколку часа претходно премиерот во оставка, Бојко Борисов, во говорот од неговиот дом во Банки.
Според дописникот на МИА од Софија, тој побарал од раководството на ГЕРБ да му го врати мандатот за формирање нова бугарска влада на претседателот Румен Радев.
„Информирајте го претседателството дека е ова одлука на Извршниот комитет. Одете, вратете се и работете во парламентот. Бугарите се мудар народ и затоа не нѐ оставија да управуваме сами“, коментира Бојко Борисов.
Митов речиси и не се обиде да бара поддршка за формирање на владата. Составот на предложениот кабинет го објави Борисов, а не самиот мандатар. Сите партии во парламентот ја одбија да преговараат со Митов за новата влада и ГЕРБ се најде целосно изолирана, иако има најмногу пратеници.
Борисов утринава додаде дека партиите од протестите, заедно со бугарските социјалисти, имале огромно мнозинство од 165 пратеници од вкупно 240 во Националното собрание. Тој предвидува дека новото мнозинство нема да може да ги спроведе идните избори во Бугарија и дека доколку целта е формирање на доживотна привремена влада, тој кажа дека станува збор за напад на демократијата.
„Нема да можат да се справат со електронското гласање, по пошта, ќе направат голем проблем. Очигледно е дека немаат ниту правен капацитет. Тие не успеваат во сѐ што ќе допрат. Да постават правила што сакаат. Нивното име е отровно“, додаде Борисов.