Болсонаро планирал да побара азил во Аргентина, тврди бразилската полиција


 Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро наводно размислувал да побара азил во Аргентина за да избегне кривично гонење, објавија вчера локалните бразилски медиуми, повикувајќи се на полициски наоди.

Истражителите наводно во телефонот на Болсонаро, пронашле документ зачуван уште во февруари 2024 година, што сугерирал дека тој планирал да избега во Аргентина, соопштија бразилските медиуми, вклучувајќи го и новинскиот портал G1.

Останува нејасно дали документот некогаш бил испратен до аргентинскиот претседател Ксавиер Милеј, пренесува ДПА.

Документот е дел од поширок полициски извештај од 170 страници, во кој се обвинуваат и Жаир Болсонаро и неговиот син, Едуардо, за обид за попречување на правдата во врска со актуелното судење на поранешниот претседател за наводен заговор за државен удар.

Според истражителите, избришаните гласовни снимки и пораки пронајдени од телефонот на поранешниот претседател укажуваат на неговите напори за попречување на постапката. Канцеларијата на државниот обвинител ќе одлучи дали да поднесе обвиненија.

Истрагата дополнително го испитува престојот на Едуардо Болсонаро во САД од март. Таму, тој наводно лобирал за санкции против Бразил и членови на судството.

Во последните недели, Вашингтон воведе царини од 50 отсто за бразилскиот увоз и финансиски санкции против судијата на Врховниот суд на Бразил, Александар де Мораеш, потсетува ДПА.

Американското Министерство за финансии го обвинува судијата дека е „одговорен за угнетувачка кампања на цензура, произволни притворања што ги кршат човековите права и политизирани гонења – вклучително и против поранешниот претседател Жаир Болсонаро“.

Против Жаир Болсонаро (70) во моментов се води судски процес за наводен заговор за соборување на владата на неговиот наследник, Луиз Инасио Лула да Силва, по поразот на изборите во 2022 година. Тој ги негираше обвинувањата и се изјасни за невин. Пресудата се очекува во септември, потсетува ДПА.

Дотогаш поранешниот десничарски претседател останува во домашен притвор за наводно  прекршување на судски наредби.