Бочварски ја презеде од Сугарески функцијата министер за транспорт и врски


Благој Бочварски денеска ја презеде функцијата министер за транспорт и врски од досегашниот министер Горан Сугарески.

На средбата со Сугарески му се заблагодари на успешно сработената работа во Министерството и разговараа за реализацијата и обемот на капиталните проекти што се работат во овој ресор, како и за идните проекти што ќе се реализираат во инфраструктурата, соопшти Министерството за транспорт и врски.

-Драго ми е што сум министер во едно од најзначајните министерства во државата кое е двигател на инфраструктурните и економски промени. Ова е огромна чест, но и огромен предизвик за мене. Оваа Влада вложува историски најмногу средства во инфраструктурани проекти така и ќе продолжиме. Создаваме модерна инфраструктура, обезбедуваме подобри услови за граѓаните и ја развиваме економијата, ваквиот континуитет ќе го продолжам обврзувајќи се пред граѓаните дека транспарентно и отчетно ќе работиме за да обезбедиме просперитет за сите, изјави Бочварски.

Тој ќе го продолжи работниот ден со средби со стопанските комори во земјава.