Првите авиони „Ф-16“ тргнаа кон Украина, ќе бидат во борба уште ова лето

Со првата пратка на борбените ловци од Холандија и Данска Украина се надева да ја смениситуацијата на фронот каде Русија е многу надмоќна во воздухот


 

Првите борбени авиони „Ф-16“ се на пат за Украина и ќе летаат летово, се вели во соопштението на холандската и данската влада, објавено од Белата куќа на самитот на НАТО.

Дик Схоф, холандскиот премиер и Мете Фредериксен, неговата колешка од Данска, рекоа дека „процесот на трансфер“ на „Ф-16“ во Киев е во тек по неколкумесечна обука на пилоти и политички преговори.

Двајцата лидери рекоа дека „Украина ќе лета со оперативни ‘Ф-16’ ова лето“ – првите од околу 85 борбени авиони што беа дадени на Киев да ја сврти својата среќа на бојното поле, а Украина сигнализираше дека може да дојдат уште повеќе.

Долгоочекуваната набавка на „Ф-16“ е дел од она што генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека ќе биде „значителен пакет“ поддршка за Украина, кој вклучува донација на четири системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, обука предводена од НАТО за украински војници – и заложба дека евентуалниот пат на Киев до членство во НАТО е „неповратен“.

Сојузниците, исто така, се очекува директно да ја критикуваат Кина, со посилен јазик отколку што се користеше порано, за помагање на руската инвазија на Украина, нарекувајќи ја „одлучувачки поттикнувач“ на војната со поддршка на Москва во нејзиното партнерство „без граници“ и снабдување компоненти за воена опрема и хемикалии за експлозиви.

Најавата за „Ф-16“ се очекуваше во исто време со самитот, а надежта е дека ловците ќе можат да ги задушат руските напади со летечки бомби, лансирани од воени авиони кои оперираат до 70 километри оддалечени, а кои беа разорни за позициите на фронтот.

Но, останува нејасно до каде Украина ќе може да користи „Ф-16“ за напад на цели на руска територија или воздушен простор. САД претходно беа загрижени за потенцијалот за ескалација, но делумно ја олабавија својата позиција за да дозволат бомбардирање на цели во Русија со артилерија со долг дострел.

Кир Стармер, премиерот на Обединетото Кралство, рече дека е среќен што видел дека Украина користи ракети „Сторм шедоу “ за да напаѓа цели во Русија сѐ додека тие се користат за да се брани – и во согласност со меѓународното право. „Тоа е за одбранбени цели, но Украина треба да одлучи како да ја распореди за тие одбранбени цели“, рече тој.

Со тоа завршува долгото чекање за Украина, чиј претседател, Володимир Зеленски, лобира најмалку 18 месеци за западните авиони да ги надополнат нејзините мали и старечки советски стандардни воздушни сили, кои не можат да им парираат на руските.

Зеленски рече дека е благодарен на Данска, Холандија и САД за преземањето, како што рече, практични чекори за помош – и посочи дека се надева на повеќе донации за зголемување на бројот до 130.

„’Ф-16’ ќе се користат и за зајакнување на воздушната одбрана на Украина. Уверен сум дека тие ќе ни помогнат подобро да ги заштитиме Украинците од бруталните руски напади, како што е овонеделниот напад врз детската болница ‘Охматдит’ во Киев“, рече претседателот.

Норвешка и Белгија, исто така, се обврзаа да снабдуваат ‘Ф-16’ во иднина, но Зеленски отиде подалеку и рече: „Очекувам дека нашата коалиција за способности на воздухопловните сили ќе се зајакне уште повеќе преку приклучување на нови учесници“.

Останува нејасно колку „Ф-16“, борбен авион дизајниран во 1970-тите, ќе бидат ефективни во војната против Русија. Особено важно ќе биде како тие се сокриени и заштитени кога се на земја, во време кога воздушната одбрана на Украина е растегната.

Овој месец Русија соопшти дека уништила пет украински авиони „Су-27“ во ракетниот напад со „Искандер“ врз воздушната база во Мирород. Украина призна некои загуби поради критиките дека авионите биле наредени на асфалтот на дневна светлина во дометот на руските ракети.

Во вторникот вечерта, Џо Бајден, американскиот претседател, објави дека членките на НАТО ќе испорачаат четири батерии за противракетни „Патриот“, додека Италија ќе испорача сличен „Самп-т“, кој може да се користи за заштита на воздушните бази од руски напади.

Потврдувајќи го развојот, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече: „Додека зборуваме, трансферот на авиони ‘Ф-16’ е во тек, кои доаѓаат од Данска, кои доаѓаат од Холандија“. Треба, додаде тој, „да го концентрира умот на Владимир Путин на фактот дека нема да ја совлада Украина“. (Според агенциите)