Битолските ученици најмногу страдаат од психичко врсничко насилство


Од презентацијата на наодите од истражувањето

 

БИТОЛА – Високи 96 проценти од учениците, испитаници,  од основните и средните училишта во Битола знаат што е тоа врсничко насилство и се детално запознаени кои се дејствија можат да се подведат под овој поим, стои во прелиминарните резултати од истражувањето во кое беа вклучени 609 ученици од сите седум средни и осумнаесет основни училишта од градот и руралните средини. Сите училишта биле застапени со еднаков број на испитаници и се внимавало на тоа да има еднаков број на ученици од машки и женски пол.

Од формите на врсничко насилство во Битола најмногу е застапено психичкото насилство, па физичкото насилство, па сајбер насилството.  Најчести извршители и најчести жртви на врсничкото насилство се учениците од машки пол.

„За жал, учениците со ова ниво на сознанија за врсничкото насилство  само во 20 проценти од случаите изјавија дека во нивното училиште нема булинг. Ова значи дека постои една огромна бројка на ученици, кои што се влезени во истражувачкиот примерок, кои во текот на нивниот образовен процес биле сведоци, а 27 проценти од испитаниците дури и директни жртви на врсничко насилство“, изјави д-р Ивона Шушак, професор на Правниот факултет при Битолскиот универзитет.  

Активностите од овој проект се реализираат во рамките на научно-наставничкиот проект под наслов „Врсничкото насилство во училиштата во Општина Битола“, организиран од тројца професори од Правниот факултет во Битола: Ивона Шушак, Ангелина Станојоска и Ице Илиевски.

„Овој мултидисциплинарен тим спроведе истражувања во сите училишта во Општина Битола, бидејќи немавме впечаток каква е состојбата со врсничкото насилство во нашиот град. Сметавме дека треба да се извадат квалитетни податоци кои ја анализираат состојбата во моментот и врз основа на таквите податоци да се изготват адекватни предлог програми, мерки и стратегии за справување со овој феномен на општинско ниво“, вели професорката Шушак.

Истражувањата ги опфати учениците најчесто од 8 и 9 одделени од сите основни училишта, а од средните училиште испитаници од сите четири години. 

„Најголемиот дел од учениците кои што се пријавиле како жртви на булинг, не презеле ништо по тоа прашање. Односно во следниот период почнале да го игнорираат или да го избегнуваат насилникот за да го прекинат циклусот на насилство. Оттука алармираме, кога ќе се работи на стратегија за врсничкото насилство, фокусот да не биде ставен исклучиво врз насилниците да не вршат булинг, туку и врз свеста на самите жртви – да не се молчи, оти таа стратегија е погрешна“, рекоа професорите вклучени во истражувањето.     

Инаку Законот за заштита на децата, ги штити и им дава задолжително право на образование и телесениот и психичкиот интегритет на децата треба да биде загарантиран. Но, врсничкото насилство не е предвидено како посебно кривично дело, напоменаа професорите од Правниот факултет, иако кривичната одговорност на децата започнува од 14 години.

„Во координација работиме повеќе институции со мултисекторски пристап на оваа проблематика и не  е исклучено едно дете во еден момент да биде  насилник, во друг случај жртва или сведок на кривично дело. Со сите деца се преземаат соодветни активности за надминување на ризикот. Кај голем број од децата имаме успех во соработка од родителите“, рече Елизабета Талевска од Центарот за социјални работи во Битола. (А.Б.)