Битолчани со тешко срце се откажуваат од традицијата да вртат мазник за Василица
БИТОЛА – Битолчани со тешко срце се откажуваат од традицијата да вртат мазник со паричка за христијанскиот празник Василица. Откажуваат друштва кои за Василица се собираат повеќе од три децении исплашени да не го шират вирусот. Речиси со години за Василица во Битола се вртеа по 40 илјади мазници, а собирањата беа по кафеани, по работни организации и по дома.
„Со тешко срце ја откажавме Василица, девет фамилии ја чекаме Василица заедно 29 години, другарите се собиравме уште неженети, се оженивме продолжиме, децата ги пораснавме и имаме внуци и пак се собиравме, ама годинава откажавме. Нема шега со вирусот, само да сме здрави ќе продолжиме до година“, вели Ѓоко Ѓоргиевски од Битола.
И дел од новинарите од Битола кои речиси две децении се собираат на мазник со паре вртење, ја откажаа традицијата.
„Ако можеше да се откажи Олимпијадата, ќе откажиме и ние, само здравје, до година пак ќе се бериме, зошто мазник онлајн не се врти“, вели Панде Димитровски, новинар, издавач и продуцент на „Без навреда“ од Битола.
Инаку, едно е вистина дека за битолчани Василица се подразбираше како неработен ден, зошто мазникот се вртеше од почетокот на работниот ден во работни организации, дуќани, занаетчии, банки, па сѐ до доцна во вечерта по кафеани и по дома.
Пекарите од градот потврдуваат дека годинава прометот со мазници им опаднал драстично, неспоредливо со минатите години.
„Имаме порачки за мазници, ама ниту приближно од бројките од лани. Значи битолчани нарачуваат колку за дома, најмногу до шест мали мазничиња, тоа значи дека сите нарачки се фамилирајни, а не како до лани кога правевме мазничиња за големи друштва и работни организации“, велат од пекарата „Церера“. (А.Б.)