Битолчани кои ќе полагаат за возачки ќе добијат по 6.000 денари помош

БИТОЛА – Советот на Општина Битола, едногласно донесе одлука за доделување на финансиска помош на граѓаните кои имаат дополнителни трошоци во врска со добивање на возачка дозвола.
Градоначалникот Тони Коњановски рече дека „субвенцијата ќе изнесува 6.000 денари за полагање возачки испит за младите во Општина Битола“.
Овој потег следува откако три месеци во општините од Пелагонискиот регион нема испитен центар за полагање возачки испити. Истече лиценцата на претходниот, а Министерството за внатрешни работи треба да избере нов оператор кој ќе управува со центарот.
Кандидатите за возачка дозвола од регионот кој го покрива СВР – Битола практично нема каде да полагаат за возачка дозвола, па се принудени да патуваат во Кичево, Охрид, Кавадарци и други градови, што претставува дополнителен финансиски трошок за кандидатите за возачка дозвола.
Од СДСМ Битола побараа Министерството за внатрешни работи да ја заврши постапката за доделување лиценца за испитен центар во Битола и предложија од општинскиот буџет да се додели финансиска помош од 3.000 денари, но Коњановски рече дека ќе биде двојно повеќе.
Градоначалникот на вчерашната седница на Советот рече дека за проблемот кој опфаќа повеќе општини, а ја засега и Битола разговарал и со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и побарал најбрзо можно завршување на постапката.
„Го поздравувам предлогот на СДСМ за 3.000 денари субвенција за оние кои полагаат во соседните градови, но имајќи ги предвид трошоците на кои ќе бидат изложени кандидатите, сметам дека оваа поддршка треба да биде двојно поголема. Деталите околу поддршката ќе ги прецизираме после состанокот со претставниците на авто школите и одржаниот состанок со координаторите на советничките групи“, рече Коњановски. (А.Б.)