Битолчани бараат проверка на хидрантските мрежи во колективните згради, општинарите најавија контроли


 

БИТОЛА – Големата трагедија во Кочани го отвори прашањето кај битолчани во каква состојба е хидрантската мрежа во колективните згради и дали има ПП апарати и дали функционираат противпожарните скали. Голем дел од новите згради во Битола немаат противпожарни скали. Во мај 2022 година, изби пожар на 12 спрат во висококатница во Битола, и однесе една жртва.

Податок од станбен сервис во Битола говори дека над 350 влезови во колективни згради Битола немаат станбен сервис, се водат како заедница на сопствените и не се регулирани и не работата по Законот за домување, што го остава отворено прашањето дали овие влезови ја имаат потребната заштита во случај на пожар.

Битолчанката Каја бара од надлежните –„Нека ги проверат и сите станбени згради дали имаат хидранти и црева во нив, нека ги проверат колку се легални со сите доградби на нив и како поминале технички прием, и нека проверат воопшто со какви материјали се гради и колку се безбедни во случај на земјотрес“.

Светлана од Битола која живее во колективна зграда вели дека во нејзиниот влез нема хидрантски црева дека ги украл соседот и ги продал сите шест.

Станбен сервис кој функционира на подрачјето на Општина Битола нè информира дека изминатата недела биле на терен да ја евидентираат реалната состојба со противпожарната заштита во колективните згради каде имаат договори.

„Задоволителна е состојбата, овие дена направиме проверка на хидрантската мрежа, чекаме насоки од Дирекцијата за заштита и спасување како понатаму и во делот на планови за евакуација во станбените згради“, ни изјавија од станбен сервис во Битола.

Општина Битола на терен преку инспекциски тимови со вонредни контроли ќе врши увид во колективните згради.

„Од општинскиот инспекторат, преку инспекторот за домување на терен, во координација со станбените сервиси и жителите на зградите, ќе се врши контролирање на ПП апаратите во зградите, нивната исправност и хидрантската мрежа. Од управителите на зградите и станбените сервиси, ќе биде побарано да достават информации за тоа дали зградата има хидрантска мрежа, дали хидрантите имаат црева за вода, колку од зградите поседуваат ПП
апарати и дали има лица кои што знаат со нив да ракуваат. Онаму каде што е потребно, општинскиот инспекторат ќе ги задолжи субјектите да постапат согласно законските прописи“, стои во соопштението на Општина Битола.


Битолчани бурно реагираат и бараат контроли и законски постапувања за кафе баровите и рестораните сместени во деловните простори на колективните згради на Широк Сокак и на други локации.

Реакциите се дека сопствениците на кафетериите најчесто го узурпираат просторот за колективно живеење на нивни потреби, а станарите се немоќни во реакциите. Бараат и ослободување на Широк Сокак од оградените простори од кафе баровите, нарекувајќи ги „гулабарници“.

„Посебно да се исконтролираат сите локали и угостителски објекти кои се наоѓаат во станбени згради и да се провери дали воопшто имаат дозволи да работаат во станбени објекти! Секоја активност во таков угостителски објект, се рефлектира врз цела зграда и врз сите станари, особено бучавата! Пред две години, едно такво кафуле на Широк Сокак 154, поради нередовно чистење на оџак, предизвика пожар во горниот дел на оџакот кој поминува низ становите.
За среќа помина без последици врз станарите, но малку треба за катастрофа, особено кога инспекциите не работат и ги поддржуваат газдите“, реагира битолчанец.

Денеска, Општина Битола информира дека инспекторатот, во координација со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола, ќе спроведат проширена контрола и на битолските локали и кафе барови, кои во најголем дел се лоцирани на Широк Сокак, во Битолската стара чаршија, во Новиот пазар.

Контролите ќе опфаќаат проверка на потребната документација, согласно Законот за угостителска дејност. Општинскиот инспекторат на терен редовно врши контрола на битолските локали и околу дозволите за поставување на урбаната опрема пред локалите.
Контроли веќе се вршат во кабареата и диско клубовите.

Во Битола со лиценца се четири објекти, но прашање и дали секој од нив ги исполнува условите пропишани со закон.