Битола: Вработените во основното образование сепак ќе земат плата за ноември


Битола: (Фото: Б. Грданоски)

 

БИТОЛА – Вработените во основните училишта во Битола наскоро ќе ја земат ноемвриската плата. Денеска Советот на Општина Битола на вонредна седница донесе одлука за проширување на средствата на буџетот на Општина Битола за 2025 година. 

Образложението беше дека на 15 декември Трезорот на Македонија затвора, па ако не се донесе оваа одлука  вработените во основните училишта во Битола нема да можат да ја земат платата за ноември.

Оваа точка беше единствена на вонредната седница за која накрај сите присутни советници и од власта и од опозицијата гласаа „за“.

Опозициската СДСМ критикуваше дека државата е заглавена со унгарски и британски кредити, а основните потреби на граѓаните се ставаат под знак прашање.

„Во моменти кога немаме колективен договор за основно и средно образование за денешеното проширување на буџетот сме сведоци како Владата не размислила дека нема доволно средства по општините и ја стави под знак прашање егзистенцијата на наставниците од основното образование. Оваа точка на дневен ред ќе ја поддржиме оти сметаме дека образованието е столбот на една држава и наставниците треба да бидат платени. Трезорот затвора на 15 декември, дали наставниците ќе земат плата?“, рече Петар Николовски, советник од СДСМ. 

Александар Цветановски советник од ПОДЕМ, кој е дел од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, од говорницата ја поздрави одлуката на Владата бидејќи како што рече се грижи за своите просветни работници  во рамките на законски предвидениот рок да ја земат платата за ноември 2025 година.

„Владата нема да ги доведе просветните работници во ситуација, како што пред повеќе од една година се доведуваа вработените во јавните претпријатија да бидат без плата три или четири месеци. Просветните работиници ќе ја добијат платата во законски рок“, рече советникот Цветановски.

На ова реплицираше независниот советник Иван Чулакоски кој праша дали одговорно работење е Владата да ги има зголемено платите на просветните работници во март, а сега во ноември да не знае дека ќе недостигаат пари во Буџетот за исплата на платите на наставниците од основното образование.

„Владата до пред пет дена не знаеше дека ќе фалат пари на наменската сметка за да се исплатата плати на вработените од основното образование? Вие ми кажувате дека тоа  е одговорно работење? И сега небаре гори градот итна вонредна седница. И денес ако не изгласаме за пет дена затвора Трезорот“, рече Чулакоски.

Накрај сите присутни советниците од Советот на Општина Битола едногласно ја изгласаа одлуката за проширување на средствата на буџетот на Општина Битола за 2025 година со што наставниците од основното образование во Битола ќе ја земат ноемвриската плата. (А.Б.)