Битола ја подига свеста за читање: „Направи Selfie со твојата омилена книга”


Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски” – Битола започна јавна кампања „Направи Selfie со твојата омилена книга”. Станува збор за нова, иновативна програма, креирана за редовните членови, но и за привлекување на нови читатели во бибилиотеката

 

– Секој читател е уникатен во креирањето навики и ритуали, додека ја чита својата омилена книга. Нашата желба е низ фотографија да ги откриеме омилените места за читање на секој читател во текот на денот, како изгледа дружењето со книгата која во моментот се чита, како и други интересни моменти и навики кои преку фотографија треба да се испраќаат на е-адреса на библиотеката [email protected]. Најуспешните фотографии ќе бидат објавени на веб страницата на библиотеката, а авторите бесплатно ќе добијат едногодишна членарина, посочуваат од НУУБ „Св. Климент Охридски” – Битола.

Во текот на празничните денови, секторот за изнајмување книги на читателите им помага во изборот на книга за читање, кој како пракса е општоприфатлив за членовите.

– Секоја книга има своја приказна, а ние на читателите им ги предложуваме Чарлс Дикенс и неговата Штурец на огништето, петта од неговите познати т.н. Божиќни книги, топла бајка за домашното огниште, со идилична слика за семејната љубов и соседското пријателство, со добра композиција и вешт расплет. Потоа книгата „Сѐ започна со бакнеж” од Миранда Дикинсон или „Нека снежи” од Џон Грин, Морин Џонсон и Лорин Миракл, книга за најстрашната виулица во последните педесет години, препорачуваат од библиотеката.