Битката против лажните вести е битка за демократијата


Ширењето лажни вести е профитабилен бизнис, како да се спречи. Се поголем е бројот на земји нападнати од лажни вести, откривањето дезинформации во реално време е тешко и скапо

 

Технолошкиот развој и дигитализацијата овозможија достапност на дигитални платформи кои се лесни за работа, но, истата таа технологија овозможува и брзо ширење на дезинформациите и мултиплицирање на нивното дејство, создавање на алтернативна реалност од дезинформации во кои се губи вистината.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски, обраќајќи се на конференцијата „Штетното влијание на дезинформациите“, во организација на граѓанската асоцијација МОСТ.

„Дигитализацијата неспорно придонесе за зајакнување на слободата на говор, затоа што сега граѓанските организации, неформалните групи на активисти и политичките партии многу полесно и побрзо допираат до различни категории на граѓани“, рече претседателот Пендаровски, и додаде дека во рамките на експанзијата на социјалните медиуми, без преседан во историјата на човештвото, се јавува еден нов, сериозен предизвик и проблем, а тоа е злоупотребата на слободата на говор од различните учесници во јавниот дискурс, а често пати и злоупотреба на правото на приватност.

„За да биде ефикасна борбата против лажните вести и дезинформациите потребни се здружени напори, ефективна соработка на државните институции со граѓанскиот сектор, со медиумите, со образованието и со бизнисите кај кои ќе се поттикнува и користење на најдобрите практики и соработка со партнери од странство“, рече Пендаровски, додавајќи дека секое одговорно општество кое сака да биде демократско мора постојано да се спротивставува на дезинформациите на организиран начин.

„Немам никаква дилема дека крајната цел ни е заедничка, а, тоа е – унапредување и развој на демократијата“, рече тој.

Бројот на земји кои се засегнати од ширењето лажни вести рапидно расте, а откривањето на дезинформациите во реално време е тешко и многу скапо. Приходите што ги остваруваат веб-страниците кои постираат дезинформации покажуваат дека тие генерирале значајни средства. Но и покрај се луѓето сакаат да ја дознаат вистината, беше истакнато денес на дебатата на „Штетното влијание на дезинформациите.

Според Викторас Даукшас, директор на иницијативата Debunk.eu во Литванија тешко е да се согледа како се споделува информацијата преку Интернет, преку групите или веб-страниците, преку социјалните медиуми, од каде доаѓаат коментарите.

„Многу е тешко да се види. И тие се секако што профитираат од лагите. Пресметајте, 20.000 веб-страници што постираат дезинформации и тие генерирале 235 милиони долари приходи од програмско рекламирање“, реле Даукшас.

Тој додаде дека во 2017 година имало 28 земји кои биле нападнати, а во 2019 се веќе 70 такви земји. Значи, овој тренд расте и со тек на времето ќе го гледаме како поголем проблем, или проблемот ќе ескалира, оцени Даукшас. Тој се осврна и на борбата да се застане на патот на дезинформациите и истакна дека е добро што се повеќе организации работат на проверка на фактите и разоткривање.

„Имаме 188 такви организации во повеќе од 60 земји кои работат и на овој проблем и се обидуваат да проверат – политичко проверување на фактите и неговото разоткривање. Половина од овие организации сепак се уште се многу мали и имаат расходи помали од 50.000 долари, што навистина не е многу и поголем дел од организациите се во раните фази и се уште немаат доволно капацитети да работат на разоткривањето на информациите кои бараат се повеќе знаење и користење на алатки“, истакна тој.

Посочува дека граѓаните треба да бидат соодветно информирани и образовани, а за тоа се потребни медиумите или новинари на кои им се верува и да им се покаже на луѓето вистината и за сите – за постарите генерации медиумите се единствениот начин да бидат образовани.

На дебатата се дискутираа различните аспекти на дезинформациите и нивното влијание на социјалните мрежи, како и недоволната свесност кај граѓаните за моќта на социјалните мрежи и штетното странско влијание. Меѓу говорниците освен Даукшас, беа и Румена Филипова, Центар за проучување на демократијата, Бугарија, Лук Захнер, советник за односи со јавност во Амбасадата на САД, Ана Петрушева, директор на БИРН Македонија и Росана Алексоска, програмски менаџер на F2N2.